Во околината на Драчево, кај месноста Пеленица, има илегална депонија на која се наоѓаат неколку илјади тони токсичен отпад линдан, потврдуваат за „Мета“ од Министерството за животна средина.
Депонијата не е обележана и оградена и не постои знак на кој се информира дека на тоа место се наоѓа токсичен канцероген отпад кој влијае и на животната средина, но и на човековото здравје.
Линданот т.е. отровната материја потекнува од фабриката ОХИС и таму го фрлале работници, пред да се направат големата и малата депонија на територијата на фабриката.
Од „О2 Иницијативата“ велат дека според нивните сознанија на таа површина биле фрлени околу 8.000 тони линдан.
– Линданот е од фабриката ОХИС, а информацијата која ја имаме потекнува од работниците вработен во фабриката. Депонијата не е соодветно обележана и нема никаква информација која би укажала дека таму се наоѓа токсична супстанца и каде не би смеело да се движат луѓе. Минатата година и ова лето МЖСПП ја има споделено информацијата со ЦУК за обележување, односно оградување на просторот и донесена е одлука дека таму не смеат да циркулираат луѓе, но еве до денес тоа не е направено. Токму во Пеленица се организираат многу училишни екскурзии, што мора да се смени – вели Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива“, за Мета.