Неморално е Димитров сега да зборува, а досега молчел, смета Милошоски

by fokus

Тоа што го спомена вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров, дека е можен уште еден штетен договор со Бугарија, само потврдува дека тој однапред знаел за подготовката на ваквиот можен следен штетен договор со Бугарија, но додека бил функционер во Владата молчел, смета пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

– Тоа што го спомена Димитров, дека е можен уште еден штетен договор со Бугарија, само потврдува дека Никола Димитров однапред знаел за подготовката на ваквиот можен следен штетен договор со Бугарија, но додека бил функционер во Владата молчел, а откако видел дека нема да биде член на Владата се решил да прозбори што е неморално, но во секој случај ризикот од ваквиот договор не го намалува и затоа треба да бидеме сериозни и внимателни, изјави денеска во Собранието пратеникот Милошоски.

Вчерашните изјави дадени од Димитров и јавно изнесената недоверба до неговиот доскорашен колега министерот за надворешни работи Бујар Османи, според Милошоски, покажува дека и Димитров и Османи се само „лице“ и „опачина“ на една иста паричка која што во Владата претставува „интерес за нејзино опстанување односно личната кариера“.

Во однос на најавите за можна средба меѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христијан Мицковски, Милошоски рече дека таква покана уште не стигнала до партијата, но, напомена дека доколку стигне ќе биде прифатена под услов на средбата да се разговара за „предвремени избори како единствено логично решение за излез од сегашната длабока криза во која што се наоѓа државата“.

Исто така, да се разговара и за содржината на одговорите кои што нашата држава ги има дадено до официјална Софија на нивно барање по формулата 5+1, како и за зголемени ангажмани за борба против криминалот и корупцијата.

Поврзани новости