Владимир Путин утрово објави почеток на воена операција во Украина, а светот е во шок од сликите кои доаѓаат од таму.
Украинските власти јавуваат за загинати луѓе во руските напади, и очите на светската јавност се вперени во тамошните случувања кои значат промена на безбедносната мапа на Европа.
Врховниот водач на Русија, Путин, кој во октомври ќе наполни 70 години, и кој над 20 години владее, важи за цврста ,,тупаница” пред кого дури и неговите министри преплашено пелтечат.
Но, кој е всушност приватно човекот кој утрово го започна нападот врз една држава, дури ни светот не знае со сигурност.
Неговите полуголи фотографии на кои лови риба или јава на коњ го обиколија светот, и тој без проблем го покажуваше физичкиот изглед, но кога е приватниот живот во прашање, ниту неговиот народ во Русија не знае колку деца има, ниту пак кој е неговиот брачен статус.
Приватниот живот секогаш го криел од јавноста, и руските новинари максимално внимателно известуваат за личните случувања од неговиот живот, посебно поради тоа што весникот ,,Московски кореспондент” во 2008 година, по објавувањето на веста за негова наводна врска со гимнастичарката Алина Кабаева, мистериозно згасна.
Она кое се знае за Путин е дека има две ќерки од бракот со поранешната стујардеса Људмила. Со неа се запознале во 1980 година, а по три години се венчале. Ги добиле ќерките, сега 36-годишната Мариа, родена во Русија, и 34-годишната Катерина, родена во Германија.
Мариа живее во Москва со сопругот кој е од Холандија и имаат дете. За тоа дека Путин е дедо, јавноста дозна случајно, кога режисерот Оливер Стоун го праша дали си игра со внукот, на што Путин кратко одговори дека за жал има малку време за игра.
Катерина пак е акробатска танчерка, кој беше во брак со рускиот милионер Кирил Шамалов, од кого се разведе во 2018 година.
Со сопругата Људмила, тој се разведе по 30 години брак, во 2013 година, и нема детали околу тоа како таа денес живее.
Пред неколку години независната руска истражувачка медиумска платформа ,,Проект” објави дека Путин наводно има возрасна ќерка од врска со жена по име Светлана, со која се гледал во 1999 година. За неа пишуваа дека од чистачка станала милионерка и купила раскошен стан во Монако. По објавата на веста, руските власти покренаа истрага за клевета против тројца новинари, а уредникот на ,,Проект”, Роман Баданин се пресели во Америка.
За врската со олимписката гимнастичарка Алина Кабаева пак, и ПР службата на Путин ги одрекуваше гласините дека тајно се венчале, појаснувајќи дека се работи за ,,интернет вежба за ублажување на досада”.
Во повеќе наврати се пишуваше дека таа има деца со Путин, првин се шпекулираше за син по име Дмтриј, на што гимнастичарката тврдеше дека се работи за нејзин внук, а не син. Потоа се објавија информации дека таа добила ќерка, што исто така беше демантирано.
Актуелни се пишувањата дека Алина е тајната прва дама на Русија со која Путин има повеќе деца, но за сите изминати години тој успева да ја чува приватноста во тајност од својот народ, како и од светската јавност.
Не се знае многу ниту за потеклото на Путин, ниту пак за негови блиски роднини. Неговата Мајка Марија, по која и ќерка му го добила името, била работничка во фабрика и починала во 1998 година, а пак татко му Владимир Спиридонович Путин бил регрутант во советската морнарица и починал во 1999 година.
Имал двајца постари браќа кои починале уште пред тој да се роди, едниот неколку месеци по раѓање, а другиот за време на Втората светска војна од дифтерија.
Вики Клинчарова