Немаше обид за бојкот на концертот на Гочева, да не се прават поделби меѓу заедницата, порачаа од Македонската заедница во Германија

by Fokus

Немало обид за бојкот на концертот на Каролина Гочева во Диселдорф, Германија, каде пејачката периодов одржа повеќе концерти пред нашите иселеници. Тоа го соопштија од Македонската заедница во Германија, откако деновиве на социјалните мрежи се прошири видео од концертот на Гочева, каде таа и се обраќа на публиката и кажува дека имало апели да се бојкотира нејзиниот концерт во Диселдорф.

– Пред неколку дена дознав за еден пример кој не е толку светол, а морам да го спомнам вечерва. Претпоставувам дека некои од вас ќе знаат за што ќе кажувам сега.
Ова се случувало од пред неколку месеци, откако објавивме датуми за концертите низ Германија, но јас дознав пред неколку дена – добро ме чувале нашите организатори.
Вечерашниот концерт бил постојано бојкотиран, се испраќале апели да не се присуствува вечерва.

Притоа, бојкотот не е ни од Грци, ниту од Бугари, ниту од овие вчера што ни го газеле знамето, туку од македонско друштво од Диселдорф.

Затоа сакам да ве замолам нешто. Доколку сте утре овде и сте слободни, или ако не сте, ве молам пробајте да се ослободите и не го пропуштајте утрешниот настан, кој го организира македонското здружение, каде настапуваат моите драги колеги Зуица и Наум.

И во иднина, не пропуштајте ниеден настан организиран од Македонците за Македонците, без разлика за која сфера станува збор, порача таа од сцената во Диселдорф.

Набргу потоа се огласија и од Македонската заедница во Германија, од каде го објавија и меморандумот, според кој се повикуваат македонските здруженија кои организираат концерти во Германија, да припазат да не се поклопуваат датумите на настаните и за истите да се координираат со заедницата.

– Во последниот период, во јавноста беа изнесени невистини и лажни обвинувања дека со меморандумот на Македонската заедница во СР Германија се направил обид за бојкотирање на концертот на една македонска вокална уметничка. Сакавме јасно да нагласиме дека овие тврдења се целосно неточни и неосновани.

Меморандумот на Македонската заедница беше изготвен со цел да се информира јавноста за несогласувањата околу организацијата на настаните, кои беа планирани без соодветна координација со здруженијата и црковните општини. Никаде во меморандумот не се споменува бојкотирање или намерна штета кон кој било поединец, изведувач или настан. Напротив, се повикува на заедништво, соработка и почитување на заеднички договорените активности, со цел зачувување на националното ткиво и културното наследство.

Обвинувањето дека Македонската заедница имала намера да го бојкотира концертот е очигледна дезинформација која се базира на погрешни толкувања или можеби на намерно извртување на фактите од страна на поединци. Таквите лажни изјави го нарушуваат угледот на македонските здруженија и создаваат непотребни поделби меѓу заедницата.

Ги повикуваме сите засегнати страни да се воздржат од ширење на неточни информации и да се посветат на соработка и конструктивен дијалог во иднина. Нашата цел е и останува да ја зајакнеме македонската заедница во Германија преку промоција на културни вредности, единство и меѓусебна поддршка, наведено е во јавното обраќање од Македонската заедница во Германија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости