Падот на земјава на ранг листата за борба против корупцијата покажува дека ние повеќе сме чамец којшто го носи некаква струја отколку што имаме весла и кормила во борбата против корупцијата, вели Миша Поповиќ од Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје организација која изминатиот период спроведува мониторинг на работата на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Поповиќ објаснува дека падот на земјава за 13 места на ранг листата на Индексот за перцепција на корупцијата покажува мал пад или стоење во место и значи дека, додека ние стоиме во место другите земји си ја подобриле својата позиција.
Извештајот за Индексот на перцепција на корупцијата 2019 година (ИПК) во кој се опфатени 180 држави Македонија е на 106 место, а акцентот беше ставен на врската помеѓу корупцијата и политиката не само преку финансирањето на изборните кампањи, туку и воопшто преку спроведување на нечии интереси што се остваруваат преку влијание со финансирање на политиката. Во регионот најдобро рангирана е Словенија на 35 – то место, а најлошо нашата држава на 106-то место, додека Хрватска е на 63 место, Црна Гора на 66, Бугарија на 74 место, Србија на 91, Косово и Босна и Херцеговина се на 101 место.
Од монитрингот што го правеше Институтот, иако акцентот беше ставен на релациите меѓу бизнисот и политиката, мал број од случаите кои се затворени се однесуваат на бизнис.
Институтот го промовираше првиот извештај од набљудувањето на работата на Антикорупциската комисија од март до септември 2019 година. Во извештајот заклучиле дека Комисијата донела голем број на одлуки, но голем дел од нив се запрени и не се најдени елементи на корупција.
Антикорупциската комисија работи со лимитирани ресурси, но од Институтот препорачуваат дека мора да најдат начин како да работат на она што е најважно.
-Зборуваме за мал тим на антикоруцписка меѓутоа и тој мал тим треба да најде што е она што е најважно и да сработи еден голем случај којшто ќе покаже дека има некакво кормило во борбата против корупцја, тоа е нешто што во моментот не е видливо. Истовремено се очекува областите кадешто се истражува односно испитува појавата на корупција да бидат стратешки определни за да постигнат најголем ефект во тоа дека корупцијата не се исплати, објаснува Поповиќ.
Мартина Илиевска, помлад истражувач во Институтот за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје информира дека во дадениот период ДКСК има оформено речиси 1000 случаи. Заклучно со крајот на септември имаат донесено 273 одлуки за случаи по различни основи, а најголем број се однесуваат за образование и јавните услуги. Според типот на повреда, најмногу се однесуваат на вработувања. Просечниот број денови што се потребни, покажува мониторингот, за донесување одлуки се околу два месеци и 18 дена.
-Во однос на политичките партии најголем дел од случаите се оформени за време на изборите односно се поднесени претставки за време на претседателските и локални избори, а за голем дел од нив се смета дека не се основани сомненијата за корупција или судир на интереси. За правосудството, дел од одлуките кои се донесени се однесуваат на вработувањето во правосудството“, појасни Илиевска.
При иницирање постапки кои се однесуваат на политичките партии ДКСК во повеќе од половина одлучува дека се непотврдени наодите наведени во пријавата или ги отфрла наодите. Само во 4 проценти од поднесените пријави утврдува дека постои корупција или судир на интереси и иницира понатамошна постапка.