Премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата нема платформа против Албанците, туку против партиските профитери и криминалци, без разлика на нивната етничка припадност, ако се осомничени за сторен криминал. Ова Мицкоски го кажа во одговор на прашање на пратеничката од ДУИ, Арбана Пашоли, која обвини дека Владата спроведува „платформа против Албанците“.
Тој рече дека ДУИ ја менува реториката во милитантна за да се создадат етнички тензии, кога ја губи власта и затоа што нејзини членови треба да одговараат за криминал.
„Жалам што поради тоа што со употреба на европско знаменце, преку политички мускули донесовте измени во Кривичниот законик, па најголем дел од тие луѓе, на кои сега им се обраќам преку вас, нема да може да одговараат. Затоа вие и ги донесовте тие измени на Кривичниот законик за тие луѓе да ги заштитите да не одговараат. Сега се кријат зад превезот на создавање етничка фрикција. Ние тоа нема да го дозволиме бидејќи сме одговорна влада која се грижи за сите граѓани на целата територија на Македонија“, истакна Мицкоски.
Мицкоски и порача на Пашоли да им пренесе на нејзините сопартијци кои, рече, требало да седат покрај неа, „дека најголем дел од нив и ним блиските се поврзани со основани сомнежи за злоупотреба и сторен криминал којшто го направиле во изминатите повеќе од 20 години активно учествувајќи во власта“.