Немаме недостиг на кадар – тврди директорот на ЈЗУ Кавадарци од каде повеќе лица се во карантин поради контакт со сопружниците позитивни на корона вирус

by Fokus

Жители од Тиквешијата апелираат до МЗ и до директорот на ЈЗУ Кавадарци Др. Диме Коцев да излезат со прецизни детали околу состојбата со корона вирусот во нивниот регион.

Откако во петокот Министерството за здравство потврди дека две лица од Кавадарци, сопружници, се позитивни на вирусот, а жената е лекар во ЈЗУ Кавадарци, граѓаните се вознемирија и стравуваат за своето здравје.

Прашуваат колку лекари кои биле во контакт со позитивните пациенти се во самоизолација, колку медицински сестри и останат медицински персонал исто така е во самоизолација, но и колкав е бројот на граѓани кои биле во контакт со овие лица и кои мора да останат во карантин. Исто така, кавадарчани стравуваат дека поради состојбата може да се јави недостиг на медицински кадар во болницата.

Во телефонски разговор за ,,Фокус” Др. Коцев смирува и тврди дека во ЈЗУ Кавадарци има доволно медицински кадар. -Болницата е дезинфицирана, нема недостиг од медицински кадар. Околу тоа колку лица, вработени во болницата се во самоизолација, не можам сега да одговорам, бидејќи се чекаат официјални резултати од надлежните. Веднаш штом ја имам информацијата, јавноста ќе биде известена. Повеќе детали во овој момент не можам да откривам – изјави тој.

Од лица вработени во ЈЗУ Кавадарци дознаваме дека денес се прави тестирање на повеќе вработени во болницата кои се во самоизолација, а кои биле во контакт со докторката, но и со нејзиниот сопруг, кого таа го лекувала во домашни услови. Резултатите би требало да бидат готови до крајот на денот. Исто така, додека бил на домашно лекување, сопругот на докторката примал терапија, а вработените кои му доаѓале на домашна посета за да му ја дадат терапијата сега се во карантин.

Во телефонски разговор за ,,Фокус” вчера, ќерката на сопружниците тврдеше дека нејзините родители се одговорни лица, кои ги запазиле сите задолжителни процедури во случајот. Тие неколку дена наназад барале од Центрите за јавно здравје да му се направи тест за вирусот. Откако од таму не добиле позитивен одговор, бидејќи сметале како лицето не спаѓа во најризичните групи, затоа што не патувало во странство, тестот го направиле во приватната клиника ,,Жан Митрев”.

Сепак, и покрај нејзиното тврдење за спазување на процедурите од страна на нејзините родители, медицински лица од ЈЗУ Кавадарци откриваат дека докторката пред неколку дена го донела својот сопруг во болницата, каде му бил направен рендген и лабораторија.

На социјалните мрежи посветени на градот, кавадарчани реагираат бидејќи и покрај тоа што станува збор за медицинско лице, докторката и нејзиниот сопруг не се самоизолирале, и иако имале сомнежи дека можеби се работи за вирусот и барале тестирање, сепак биле во контакт со медицински персонал од ЈЗУ Кавадарци.

Апелираат да се објават со име и презиме лицата кои се во карантин, во случај некој кој бил во контакт со нив, исто така да внимава дополнително за да не се случи ненамерно ширење на вирусот. Граѓаните потенцираат дека вирусот не смее да биде табу тема и нема место за предрасуди кога е во прашање колективното здравје.

Според последните податоци од Министерството за здравство, бројката на заболени од корона се искачи на 114 лица. Во изминатото деноноќие се регистрирани 29 нови случаи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости