Немаме намера да предложиме „локдаун“, му одговори Заев на Јанушев во Собрание

by fokus

Собранието попладнево ја продолжи седницата на која пратениците расправаат за избор на заменици министри во Владата. Пратениците од опозицијата во дискусиите изнесоа резерви за тоа колку оваа Влада, ќе може да направи и да сработи во претстојниот период, бидејќи и во минатиот мандат не направила ништо за доброто на граѓаните иако многу ветувала.

И претходната Влада ветуваше се и сешто, рече Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ, но сработи повеќе криминал, корупција, распродажба.

– Ова е Влада во обид. Еден месец оваа нова Влада не предложи ниту една мерка за подобар живот на граѓаните. Прва мерка што ќе ја предложат веројатно ќе биде „локдаун“, иако тоа сега не сакаат да го кажат тоа, ќе го направат за некој ден или некоја недела. Тоа ќе значи буквално уништување на државата, рече Јанушев.

На ова реагираше премиерот Зоран Заев, кој рече дека не може пратеникот да се затскрива зад собраниската говорница и да вели дека ова е мафијашка влада, да обвинува за криминал и корупција без докази и оти ако имаат некави индиции треба да поднесат кривични пријави.

– Ние немаме намера да правиме „локдаун“. Неколку пати јас и министерот за здравство и другите министри кажуваме дека никој не сака да ги затвора граѓаните, економијата, објекти. Но должност нѝ е кога гледаме дека бројките растат да предупредиме дека мора да се почитуваат мерките на лична заштита и заштита на сите околу нас. Не е одговорно вака да прејудицирате. На крајот има здравствена и експертска струка, иако ниту таа сака да предлага мерки на затворање. Тоа не е од ничија полза да бидеме повторно затворени дома, или да бидат затворени економските субјектите. Тоа може да се избегне доколку се почитуваат мерките, рече премиерот Заев.

Расправата по предлог на избор на заменици на министрите ќе продолжи по паузата. По завршувањето на Седницата на Собранието, заменик-министрите во Владата ќе дадат свечени изјави пред претседалот на Собранието, Талат Џафери.

Поврзани новости