358
Министерството за образование вели дека нема механизам на тоа да влијае на пријавувањето на авторски тимови и рецензенти за изработка на учебниците и дека изработката на учебниците зависи од повеќе фактори независно од системското влијание.
Ова соопштение доаѓа по најавите од Комисијата за спречување на дискриминација дека може да го тужи Министерството за образование бидејжи навреме не обезбедило учебници за сите ученици и со тоа не ја отсранило дискриминацијата утврдена минатата година
-Министерството за образование и наука, во врска со информацијата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за „Состојбата со обезбедување на учебници во основното образование за учебната 2023/24“, укажува дека изработката на учебници е комплексен процес што зависи од повеќе фактори, независни од системско влијание, стои во соопштението од МОН.
Од МОН тврдат дека според законските и подзаконските акти, навремено се започнати и извршувани активностите од нивна надлежност за изработка на учебниците, усогласени со важечката наставна програма.
-Министерството нема законски механизми да влијае на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет. А секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да се неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што исто така води до пролонгирање на процесот. По рецензентската проверка, текстот на учебникот до конечното одобрување, треба да го помине и филтерот на 17-члената Национална комисија за учебници, изјавија од МОН.
Од МОН велат дека учебникот, како едно од наставните средства што се користи за постигнување на целите на воспитно-образовниот процес, треба да овозможи постигнување на националните стандарди на знаење, учење со разбирање и подигнување на креативноста, иновативноста и критичкото размислување кај учениците.
-Нагласуваме дека во тек е темелна реформа на образованието која наметнува одредени неусогласености да се надминуваат во од. За да можеме да ја финализираме реформата, издигнувајќи го квалитетот на образованието, очекуваме од сите засегнати чинители да дадат поддршка, затоа што нашата цел, а веруваме и на сите останати – родителите, институциите, граѓаните, е учениците да стекнуваат знаења и вештини кои ќе ги направат рамноправни со нивните врсници од развиените земји, соопшти МОН.