За да се создаде енергија од отпад, треба да има огромни количини отпад. Но, тоа Македонија го нема, иако изгледа така, затоа што сме несовесни и фрламе ѓубре насекаде. Но за да се гори отпад треба сериозна количина, тоа може да се собере од сите депонии, но и тоа не е доволно, изјави за Топ Тема министерката за животна средина, Каја Шукова.
Таа најавува дека ќе се менува пресметката за услугата за отпад со новиот закон за справување со отпад.
-Досега плаќавме по метар квадратен, односно врз основа на површина, што според мене и експертите е несоодветно зашто на 100м2 може да има еден жител, кој продуцира мала количина отпад, а во 50м2 да живеат повеќечлено семејство кое продуцира многу повеќе отпад и математиката е многу јасна. Со новата методологија цената на услугата ќе се плаќа врз основа на количината на произведено ѓубре. И така се надеваме дека ќе се научиме сите да го селектираме отпадот, за помалку да плаќаме, бидејќи она што ќе се депонира на депонија ќе биде финално она што ќе се наплаќа, а се друго ќе се преработува. Цената ќе ја утврдува Регулаторната Комисија – рече Шукова.
Таа додаде дека анализите за загадување на воздухот покажуваат дека најголемото загадување доаѓа од домаќинствата.
-Тоа мора да се прифати како факт, и тоа е најчесто е греењето на дрва, но и покрај другото се гори и се друго – рече министерката.