Комисијата која вршеше стручен надзор за случајот со родилката која скокна од прозорец на скопска Гинекологија не утврди пропусти во третманот на пациентката. 5- члената комисија формирана од министерот за здравство констатирала дека со нејзе разговарал клиничкиот психолог, не примала психијатриска терапија и никаде не било регистрирано дека жената покажувала халуцинации, ниту знаци за суицидалност, објави тв Сител.
– Биле направени сите неопходни медицински процедури, кај сега покојната пациентка и не била регистрирана депресивна психотична симптоматологија. Според Комисијата пациентката не изгубила контакт со реалитет и не можело да се предвиди ваков немил настан – се вели во извештајот на Комисијата испратен до МЗ.
ДСЗИ претходно констатираше пропуст бидејќи дежурните на ГАК не инсистирале пациентката да ја прегледа психијатар и наложи одговорните на Клиниката да спроведат постапка за утврдување одговорност од страна на здравствените работници кои биле на смена.
39 – годишната родилка почина на КАРИЛ од здобиените повреди две недели откако скокна од прозорецот на првиот кат на Гинекологија.