Нема зима за злоупотребувачите: Струшка фирма, која ги правела главните измами со европски пари, сѐ уште работи на „Еразмус“ проекти!

by Fokus

Струшка фирма за која и ОЛАФ потврди дека е „глава“ на доброразработена шема за испумпување на европските пари, сѐ уште работи со училиштата-добитници на грантовите од Националната агенција за образовни програми и шета ученици и наставници по Европа. Додека Македонија бара со компензација да врати 2,2 милиони евра злоупотребени пари, шемата си функционира, а, наместо во училиштата, парите завршуваат во нечии џебови. Што откриваат податоците до кои дојде „Фокус“?

 Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

„Успешните проекти со кои училиштето учествува во повеќе области од „Еразмус +“ програмата се вистински пример за македонско образование по европски стандарди. „Еразмус“ програмите во училиштето „Песталоци“ донеле придобивки за учениците што сакаат да учествуваат во проектите преку размена со своите врсници од други европски земји“, кажа вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, кој заедно со директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓоргиевски, и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, неодамна беа во скопското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“.

Ова за Маричиќ е убава македонска и европска приказна и потврда дека образовните програми обезбедени од Европската Унија вложуваат во нашите млади.

Европските програми остануваат далечни за повеќето ученици, односно се цивилизациска придобивка само за некои. Она што го знаат речиси сите за овие програми се злоупотребите на европските пари што ги констатира ОЛАФ – европското тело за борба против измами.

Па така, веќе со години ѝ се суди на поранешната директорка на оваа Национална агенција, Лидија Димова, а ОЛАФ бара земјава да врати 2,2 милиони евра, европски пари што не ги злоупотребила Димова, туку пари што пријавила дека се злоупотребени преку криминална шема.

Дека Македонија треба да врати милиони злоупотребени пари, а директорот на Агенцијата, Ѓоргиевски, ова ѝ го соопшти на јавноста на крајот од март, кога медиумите веќе објавија дека, наместо за „фризерниците“ и „магарињата“ за кои беше линчувана поранешната директорка, граѓаните ќе треба да ги вратат парите од криминалната шема што ја пријавила таа уште во 2019 година.

Кога стигна сметката за плаќање, Маричиќ се обидува да го прикаже сегашниот директор на Агенцијата како спасител што го открил криминалот.

Па, ќе рече:

„Ова е откриено со помош на колегите од Агенцијата и целта на целиот процес е тоа да не се повторува и да има една позајакната контрола“.

За отприлика еден месец треба да се вратат парите, но проблем било што сега во моментов имаме техничка влада, па владата барала начини некако парите да се вратат со компензација.

– Бараме начини како да дојдеме до една формула со која дел од средствата ќе бидат вратени, а дел ќе бидат одбиени од некои идни проекти за да не мора да враќаме толкав износ. На добар пат сме тоа да го договориме – вели Маричиќ.

СПОРНАТА ФИРМА УШТЕ ЗЕМА ПАРИ ОД ЕУ

Но, сега се избори, па никого не го интересира како ќе се вратат овие пари. Кој и да победи на изборите, парите ќе ги платат граѓаните, а злоупотребата на европските пари датира од 2007 година, кога беше ВМРО-ДПМНЕ на власт, а продолжи во владеењето на СДСМ.

Притоа, најиндикативно е што мрежата продолжува да работи и сега, а фирмата што ги правела главните злоупотреби продолжува да добива европски пари и откако ОЛАФ официјално ја потврди злоупотребата, а нашето обвинителство од 2019 година уште не може да ги докаже злоупотребите.

Иако Димова тврдеше дека ги замрзнала парите за овие фирми, во времето на нејзиниот наследник, пари пак одат кај злоупотребувачите, велат нашите извори, а тоа го покажуваат податоците од алатката „Отворени финансии“.

Па така, до замрзнувањето на исплатите заклучно со 7 јули 2020 година, на компанијата ѝ биле исплатени 514.700 евра. Со доаѓањето на новиот директор Ѓоргиевски, во 2021 година исплатите се целосно одмрзнати и до денес се реализирани 27 нови во вкупна вредност од 259.445 евра, односно училиштата се корисници на парите од Агенцијата, а тие ѝ ги даваат на спорната фирма.

„Фокус“ дојде до документ од договор склучен во 2022 година за „Еразмус+“ проект, за реализација на посета на ученици и ментори од Прилеп во Броло, Сицилија, Италија и назад.

Договорот е склучен меѓу средно училиште од Прилеп и струшката фирма, која е пријавена како „глава“ на злоупотребата на европските пари.

Според нашите извори, со ваквиот договор што го склучило училиштето во Прилеп со спорната фирма, прекршен е Договорот за грант, кој училиштето го потпишува со Националната агенција, каде што изрично стои дека за реализација на овој проект, основните задачи на акцијата не смеат да бидат предмет на поддоговор.

Според истите извори, пренесувањето вакви обврски, кои се основни за реализацијата на самиот проект, не е во согласност со Договорот за грант склучен со корисникот за реализација на овој проект.

Во последниве години, според нашите информации, откако беа откриени злоупотребите, се оди дури и чекор понатаму, па новите договори дури и при поднесувањето на апликацијата мора да се декларираат дека самите си ги пишувале апликациите, а не некој однадвор или ангажиран експерт.

Но, и покрај откриените злоупотреби со печат од Европа, шемата си тера. Кривичната пријава поднесена во 2019 година, до која дојде „Фокус“, всушност ја открива целата шема, која најверојатно трае и денес, а е документирана за годините од 2016 до 2019 година.

КАКО СЕ ИЗВЛЕКУВАЛЕ ПАРИТЕ?

Првопријавениот во кривичната пријава оформил група, која ги „извлекувала“ европските фондови наменети за подобрување на образовните процеси во Македонија. Па така, тие пари, наместо за унапредување во образованието, ги земала оваа група.

Тој во име на корисниците на „Еразмус+“ програмата, односно во име на училиштата организирал изготвување на проектните апликации, подготвувал тендерски документации, имплементирал проектни активности и изготвувал периодични и завршни извештаи и сето тоа за своја лична корист.

„Согласно програмата „Еразмус+“ и прирачникот на апликанти, но и договорите што се склучуваат меѓу корисниците и Националната агенција, изрично се пропишани условите и правилата за ангажирање легални посредници, што не е случај и во горенаведениот пример“, пишува во пријавата.

Првопријавениот, искористувајќи го своето влијание што го имал во Агенцијата, заедно со неговата „десна рака“, кој е управител на спорната компанија, која е формирана како Друштво за производство на трговија и услуги, односно за управување и давање помош за поуспешно деловно работење, заедно со една туристичка агенција од Битола, се главни добитници на јавните набавки за програмата „Еразмус+“, наведувајќи дека тие ќе ја подготват целата документација за аплицирање на проектот, неговата имплементација со поднесување на завршни извештаи.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости