Поради украинската криза, Германците ги празнат рафтовите со сончогледово масло во продавниците, а веќе се појавија и првите угостители коишто го тргаат помфритот од менито поради недостигот на масло и високите цени.
Со оглед на тоа што Украина е значаен производител на сончогледово масло и масло од репка, но и земја од која Германија ги увезува овие производи, Германците почнаа да се откажуваат од помфритот.
Еден од првите угостители, кој го избриша помфритот од менито е Фреди Балер од Дармштат.
Тој за дневниот весник „Билд“ вели дека има проблеми со зејтинот потребен за фритезите, како и дека сончогледовото масло многу поскапело.
Балер во јануари плаќал 90 евроценти за литар масло од репка, а денес тоа чини и до четири евра за литар. Тој вели дека тоа е прескапо и би било неизбежно драстично да се зголеми цената на помфритот.
Цените на маслото во германските супермаркети скокнаа за 29 отсто.