Уставниот суд го укина посебниот полициски час за возрасните и малолетните. Судиите на Уставниот суд на денешната седница изрекоа времена забрана на владината уредба со која се ограничуваше движењето на граѓаните постари од 67 години, како и за ограничувањето на лицата помлади од 18 години.
Со оваа времена забрана, граѓаните постари од 67 години ќе може да излегуваат од 5 до 19 часот, како и другите граѓани, а не од 5 до 12 напладне.
За оние пак помлади од 18 години полицискиот час ќе важи како и за останатите граѓани од 5 до 19 часот, место од 12 до 19 часот.
На денешната седница Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, како и на Уредбата со законска сила за патните исправи на државјаните на за време на вонредна состојба.
Уставните судии поведоа постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба и донесоа решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на Уредбата чија уставност ја оценува согласно член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд.
На денешната седница Судот ја поништи Уредбата со законска сила за јавнообвинителските службеници, истражителите и другите вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите и за финансирање на Јавното обвинителство за гонење на кривилни дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на коминикациите и го стави вон сила решениете за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на уредбата чија уставност и законитост ја оценува.
Судиите, како што стои во соопштението објавено на веб страната на Судот, го одложиле одлучувањето по однос на уставноста на Законот за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата.