Нема судир на интереси за случајот со фирмата „Пиксел Груп“ на премиерот Ковачевски, која доби финасиски средства од Фондот за иновации, утврди Антикорупциската комисија на денешната седница, постапувајќи по пријава поднесена од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ по оформен предмет против премиерот Димитар Ковачевски.
ДКСК заради проверка на наводите изнесени во пријавата и утврдување на фактичката состојба, ја обезбеди потребна документација од Фондот за иновации и технолошки развој Скопје, од Влада на РСМ-Комисија за евалуација на барањата за доделување на финансиска поддршка и инвестиции, од Дирекција за технолошки индустриски развојни зони, како и од Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на РСМ, Управата за јавни приходи на Република Северна Македонија, а доби и историјат на промени и Тековна состојба од Централен регистар на РСМ како и од поднесениот Анкетен лист од премиерот Ковачевски до ДКСК.
-Врз основа на анализа на доставената документација се констатира дека промена на сопственичкото право е извршено со поднесување на пријава на 29.09.2020 година за истапување на содружник и со упис од 05.10.2020 година, кога од сопственичкото право се брише Димитар Ковачевски, а единствен сопственик е Горанчо Паунов. Од Историјат на промени се констатира дека Димитар Ковачевски, од основањето на ова правно лице не ја вршел функцијата на управител. Врз основа на овие обезбедени податоци се утврди дека нема повреда на одредбите од член 45 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси што пропишува ограничувања за вршење на дејност за време на вршење на функцијата, реферираше членот на ДКСК, Шемши Салаи.
За премиерот постоеше основано сомнение дека во својство на заменик министер за финансии и како мандатар за избор на нова Влада, можел да влијае врз исплатата на државна помош кон фирмата Пиксел Груп, основана од него и неговиот кум, а подоцна во посед на неговиот кум Горанчо Паунов, со кој има финансиски интерес, па оттука има однос на блиско лице.