Нема субвенции за ЈСП, колапс на градскиот превоз во главниот град

by Fokus

Советот на Град Скопје не ги изгласа субвенциите за ЈСП, средства кои требаше да се искористат за исплаќање на заостанатите плати на вработените во јавниот превоз.

За точката на денешната седница на Советот, 22-ца советници гласаа „за“ субвенциите, додека 13 советници од ВМРО-ДПМНЕ беа воздржани. На тој начин субвенциите не поминаа.

Со препукувања меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска се одвиваше вонредната седница на Советот на Град Скопје, откако денес градот остана без јавен превоз.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да гласаат за буџетот бидејќи не може Градот постајано да му дава милионски сум на ЈСП „Скопје“ затоа што Арсовска и директорот Крсте Петревски не знаат да менаџираат со претпријатието.

Дискусијата траеше повеќе од два часа.

Арсовска рече дека ВМРО-ДПМНЕ намерно создава кризи, во овој случај со јавниот превоз.

„Сè што кажавте денес сè излажавте, вие грам грижа немате за вработените кои смрзнуваат надвор. Намерно креирате криза за после, демек, ја решавате. За точкава не зборувате затоа што нема што да кажете и само лажете. Кога бевте опозиција гласавте за субвенции, сега не гласате. Мицко одма да си даде оставка оти цело време лаже“, кажа Арсовска.

Приватните превозници исто така нема да возат низ градот.

Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ утрово од 9 часот се повлекоа во двете автобази во Автокоманда и во Ѓорче Петров.

Поврзани новости