Аболицијата на екс претседателот Ѓорге Иванов не успеа да ги спаси екс функционерите од ВМРО_ДПМНЕ. Ова денеска го соопшти Судот за човекови права во Стразбур, кој објави дека апликациите се недопустливи, односно осудените и обвинетите не ги исцрпиле сите домашни правни лекови.
Односно, денеска европскиот суд објави решение според кое жалбите на апликантите биле преуранети, односно за секој предмет требало најпрвин да се почекаат одлуките на Апелација и Врховниот суд.
Во ноември 2017 година, адвокатот Влатко Илиевски ја поднесе првата апликација до Судот во Стразбур, а потоа следуваа уште осум, кои се однесуваат на вкупно 10 оштетени. Првата е на име на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, а по десетина дена пристигнала и она на Едмонд Темелко, ексградоначалникот на албанската општина Пустец. Истиот месец, на ист датум се поднесени уште две, на Никола Груевски и една заедничка на Тони Јакимовски и Гордана Јанкулоска.
Следната година, во февруари 2018, пристигнува и заедничката апликација на Јанкулоска и Миле Јанакиески, а по три месеци се изготвува и на Киро Тодоровски. Летото 2018 година во Стразбур пристига и апликација од поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, а годината завршува со апликациите на Јанакиески и Кирил Божиновски.
За сите нив беше заедничко барањето кривичниот прогон да запре со образложение дека помилувањето кое го добиле од поранешниот претседател не можело да се повлече. Министерството за правда пак не сакаше да се спогоди со апликантите и тврдеше дека аболицијата е незаконска и неуставна, иако е акт на претседател на држава.
Валентина Вурмо