Писателката Милена Лунеска од Кичево ќе донира дел од средствата од продажбата на својата книга ,,Љубов облечена во бело” со цел да пружи конкретна помош на Здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби – Дајте ни крилја. Почесен претседател на ова здружение е поп пејачката Ребека Јанковска – Ристески, која со години наназад, како мајка на дете со попреченост е голем борец за правата на овие лица, но и нивните семејства.
Тимот на издавачката куќа ,,Арс Ламина” ја поддржал хуманитарната акција на писателката, која вели дека во животот нема случајности. Имено, во периодот додека таа го пишувала романот ,,Добро утро љубов” во кој главата протагонистка му помага на девојче кое има ретка болест, Ребека во повеќе наврати излегувала јавно со проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост и нивните семејства и апелирала за поголема општествена свест и совест.
-Тогаш решив дека мора на некој начин да и помогнам на оваа храбра жена, мајка – лавица, која додека самата води животна борба, истовремено дава се од себе да им помогне и на другите семејства во слична состојба. Кога бев известена од издавачката куќа ,,Арс Ламина” дека ќе се објави стихозбирката ,,Љубов облечена во бело” сфатив дека тоа е начин да и помогнам на Ребека, односно на здружението ,,Дајте ни крилја” – вели Лунеска.
Таа зад себе има четири романи, а пак стихозбирката ,,Љубов облечена во бело” е нејзино петто дело. Книгата може да се купи во сите книжарници на Литература или пак онлајн преку www.literatura.mk.
Вики Клинчарова