Министерот за образование Јетон Шаќири вели дека МОН има најголем проблем со рецензентите бидејќи или не се пријавуваат или се откажуваат. Тој во интервју за „Студио 10“ на ТВ 24 рече дека веќе има конкурси за пишување учебници за следната година, како и повик за рецензенти кои ќе оценуваат дали учебникот се совпаѓа со наставната програма.
„За мене нема ништо спорно во учебниците по историја. По онаа јавна дискусија за содржинските грешки во дел од учебниците, интересот на рецензентите е никаков“, изјави Шаќири и додаде дека авторските тимови сега се составени од еминентни професори, но нема рецензенти кои треба да ги поминат.
Проблемот со немањето рецензенти, според министерот, може да се реши со законски измени и Бирото за развој на образованието да повика експерти кои ќе ги разгледуваат учебниците.