Во овој момент нема реална закана за безбедноста на државата и тоа е она што граѓаните треба да го знаат. Не оставаме ништо на случајност и службите, секоја во своја надлежност преземаат дополнителни мерки за гарантирање на безбедноста, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Во одговор на новинарско прашање на денешната деветта НАТО студентска симулација, Петровска посочи дека на вчерашниот состанок се отворила дебата, заедно со претставниците на разузнавачките служби и министерот за внатрешни работи и додава дека идејата е оперативниот тим да ја забрза и подобри координацијата на службите, како и на службите на партнерските земји.
– Кибер заштитата на сите институции, но и на се тоа што претставува критична инфраструктура е предизвик. Министерството е носител на новото законско решение за заштита на критична инфраструктура и впрочем утре во Клубот на пратеници ќе ја имаме последната јавна дебата по што законот ќе биде проследен во процедура.
Додека да се усвои и стапи во сила законот, апсолутно секоја институција презема дополнителни мерки во однос на кибер заштитата. Имаме постојана комуникација и поддршка од стратешките партнери и во рамките на НАТО и надвор од тоа. Сајбер заштитата е нешто на кое во континуитет мора да се работи и не е нешто кое еднаш засекогаш завршува, порача министерката.
Додаде дека се следат сите евентуални обиди за кибер-напад и се во координација со сите засегнати институции со цел навремено реагирање.