Ниту од Форум на жени на СДСМ, ниту пак од Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ се уште јавно се имаат огласено по повод грозоморното убиство на жена, кое се случи во Кочани пред два дена. За настанот кој ја вознемири јавноста, досега јавно реагираа единствено од Форумот на жени на Либерално-демократската партија (ЛДП), чија претседателка е Билјана Аврамоска Ѓореска.
Од таму порачаа дека запрепастува фактот што заканите неколупати биле пријавувани во полиција и во јавно обвинителство, од каде убиената Танкица М. (46) барала помош.
-Ја осудуваме бавноста во реакциите на институциите и нивната нефункционалност и апелираме да преземат итна акција за расветлување на трагичниот настан во Кочани. Потребни се пошироки општествени и правни реформи за подобра заштита на жените од вакви ужасни случувања-истакнаа од Форумот на жени на ЛДП. На страницата на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, чија претседателка е Жаклина Пешевска, се уште нема никава реакција по повод фемицидот.
-Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ги застапува и шири идеите нa ВМРО-ДПМНЕ, ги брани и застапува интересите на жените и нивното учество во рамки на партијата, но и пошироко во нашето општество- е начелото на Унијата, истакнато на нивната официјална страница.
И на официјалната страница на Форум на жени на СДСМ истакнато е слично начело, во кое се спомнува борбата за родова еднаквост, но нема ниту еден збор за последниот феицид во земјава.
-СДСМ беше првиот политички субјект во Република Северна Македонија и меѓу првите во регионот што воведе поттикнувачки механизми за рамноправна застапеност на двата пола во органите и телата на Партијата. Овие механизми, како докажани и успешни, потоа беа пресликани и во изборната регулатива, што денес ни овозможува гордо да кажеме дека еден од врвните социјалдемократски принципи – родовата еднаквост, се применува и во Република Северна Македонија-пишува на страницата на Форумот, чија претседателка е Јована Тренчевска.
За случајот се огласија од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, и бараат најстрога казна за убиецот. Исто така, од организацијата бараат да биде испитана и одговорноста на службените лица кои не постапиле навремено по пријавите за насилство кои му претходеле на убиството, а жртвата ги пријавила. Освен за случајот во Кочани, од организацијата бараат исто да се постапува и во врска со двојното убиство во Куманово, кога маж ги уби својата сопруга и нејзината мајка, а потоа се самоуби.
Вики Клинчарова