По објавата на сторијата во неделникот Фокус дека Министерството за земјоделство издало одобрение за извоз на дрво непосредно пред земјава да воведе забрана за извоз, многу подоцна откако тоа го сторија многу земји од соседството, во јавноста се обрати Саша Јовановиќ, раководителот на Секторот за шумарство и ловство при Министерството, како и директорот на ЈП Македонски шуми Валентин Груевски, која склучила договор за откуп на дрвна маса со фирмата што го добила одобрението за извоз.
-Нема привилегирани, ниту дискриминирани. Сите што се пријавија, добија дел од сечата и сите што ќе се пријават ќе добијат опожарена дрвна маса која до 1 септември 2023 година мора да се отстрани, бидејќи претставува опасност за природата и екологијата – истакнаа тие.
Тие посочија дека се работи за вкупно 390.000 кубни метри дрвна маса која била опожарена за време на ланските пожари, што е 90 отсто од вкупното ланско производство на „Национални шуми“, со тоа што опожарените дрва зафаќале вкупно 4/100 хектари, а штетата била проценета на 1,6 милијарди денари.
Посочената фирма, додаваат тие, има склучено договор за 24.000 метри кубни метри црн бор. Тие велат дека фирмата ги исполнила сите услови од огласот, платила 20 отсто гаранција и 10 отсто од вкупно договорената количина.
-Сите што се пријавија добија од опожарената дрвна маса колку што побараа, никој не беше дискриминиран, по ниту една основа. Побараа и добија и големи и мали фирми, и локални од Малешевијата и други. Вкупно досега „Национални шуми“ има склучено договори за 150.000 кубни метри опожарена количина, а останати се уште околу две третини и таа дрвна маса стои на терен. Сите заинтересирани да дојдат, да побараат и ќе добијат дозвола за користење на дрвната маса – истакна Груевски.
Јовановиќ, пак, додаде дека Министерството за земјоделство и во иднина ќе издава одобренија за извоз на дрва и дрвни сортименти и по престанување на временото ограничување, кое истекува на крајот на годинава.
Од неговото Министерството испратија и реакција во кои тие тврдат дека одобрението било издадена во редовна постапка, истакнувајќи дека не се работи за никаква привилегија.
„Посочениот правен субјект го доставил барањето и потребната документација меѓу која и купопродажен договор со ЈП „Национални шуми“ за купување на 15 000 м3 опожарена техничка дрвна маса од црн бор, по што органот на државна управа од областа на шумарството – Сектор за шумарство и ловство на ден 08.07.2022 година му издал Одобрение за извоз на опожарената техничка дрвна маса со рок на важност на одобрението од 90 дена“, велат од таму.
Од Министерството посочуваат дека во тој период, а и до ден денес ниту Владата, ниту друг државен орган немал прогласено енергетска криза, а одлуките за ограничување за извоз на одделни стоки Владата ги донесе покасно, поточно на 22.07.2022 година.
„По наведената одлука на Владата за ограничување за извоз на одделни стоки со тарифни ознаки за огревно дрво и дрвни сортименти, органот на државна управа од областа на шумарството – Сектор за шумарство и ловство го извести правниот субјект за ставање на надвор од сила на издаденото одобрение. Во периодот на важноста на одобрението правниот субјект извезол опожарена дрвна маса во количина од 24,5 м3“, велат од таму.
Инаку, сторијата на Фокус се темели на официјални одговори, информации и документација од надлежни институции, кое се пренесени онака како што се добиени, при што не се констатира дали нечие постапување е законско или незаконско, туку се констатира дека одобрението за извоз е доделено непосредно пред владата да донесе забрана, која патем е донесена подоцна од многу држави во регионот, поради тоа што подолг период постои реална енергетска криза и се јавува недостаток на огревно дрво и пелети, како и драстично зголемување на цените.