Браќата Александар и Јордан Цветковски – осомничени за нападот на полицискиот сллужбеник Филип Филиповски – остануваат на слобода. Кривичниот совет попладнево ја отфрли жалбата на ОЈО за притвор на синовите на екс градоначалникот на Петровец, Звонко Цветковски, и со тоа ја потврди одлуката на судија на претходна постапка.
На двајцата браќа одземени им се пасошите, не смеат да го напуштат Скопје, не смеат да му се приближуват на проподениот полицаец и треба еднаш неделно да се јавуваат во суд – одлучи Кривичниот совет.
Филиповски беше прободен со нож во угостителски објект на 23-ти март во скопско Марино. Тој 11 дена по нападот помина во болница борејќи се за живот, остана без еден бубрег и слезина, но за среќа сега неговата здравствена состојба се подобрува. Пред неколку дена Филиповски пред камерата на ТВ24 за прв пат по нападот и јавно проговори. Животот ми го променија целосно – заслужуваат казната да ги стигне, таа вечер беше брутална и крвничка изјави полицискиот службеник.