Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека со промовирање на досега сработените проекти по реакциите во јавноста за предвремена кампања за локалните избори не се прекршува законот и оти сакаат да им предочат на граѓаните нешто позитивно на што се работело за време на падемијата.
– Должност е на сите да им предочиме на граѓаните што е направено, сите информации. Пред неколку дена бев и со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Сите овие се инвестиции и се работеа за време на најнеочекувана светска криза пандемијата од Ковид -19, со што дадовме дополнителен импулс на економскиот развој на државата, но и се решија вековни проблеми. Генерално законот јасно опишува кога е дозволено, кога не е дозволено. Ние го почитуваме законот. Сакаме да им предочиме на граѓаните нешто позитивно, затоа што психолошката траума влијае кај сите нас од пандемијата, која трае и продолжува а ние мора да димензионираме нова наша реалност со која димензионираме да живееме, рече Заев.
Премиерот посочи дека тие не промовираат програми, не кажуваат што ќе направат туку само ги констатираат работите на кои Владата вложила труд и енергија.
На прашањето дека во минатото им забележуваа на претходните власти дека водат предвремени кампањи, а сега тие истото го прават Заев рече дека кога СДСМ беа во опозиција тоа прашање беше вградено регулирано во изборното законодавство.
Одговарајќи на новинарско прашање премиерот и лидер на СДСМ потврди дека освен за Максим Димитриевски, кој собра потписи за независен кандидат за градоначалник на Куманово, а е од СДСМ, ќе се примени исклучување од партијата и за други членови кои собрале потписи за независни кандидатури.