Нема поголемо лицемерие од тоа ВМРО-ДПМНЕ да зборува за економија, велат од СДСМ

by fokus

Нема поголемо лицемерие од тоа ВМРО-ДПМНЕ е партијата која што јавниот долг за неколку години го зголеми двојно и создаде колапс во економијата, денес да зборува за економија и задолжувања, велат од СДСМ.

„За разлика од расипничкото владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога парите од скапите и неконтролирани задолжувања се трошеа за криминални тендери, барок и споменици, денес преку одговорните политики на Владата  долгот е стабилизиран и ставен под контрола, а економијата оди во нагорна линија.

Фреквенцијата на задолжувања е намалена, намалени се и каматните стапки и одговорно се сервисираат долговите направени токму од ВМРО-ДПМНЕ.

Со домаќинските и одговорни политики на владата предводена од СДСМ, денес имаме раст на минималната плата на 12.507 денари, со тенденција за нејзино покачување на 13.000 денари. Раст на просечната плата за околу 4.5 отсто повеќе во споредба со ланската 2018 година со крајна цел таа до крајот на 2020 година да изнесува 500 евра или 30.000 денари.

2018 е година на рекорден износ на странски инвестиции од 624,5 милиони евра. Во првиот квартал од 2019 забележан е и раст на извозот од 7.7 отсто и раст на индустриското производство од 8,8 отсто.

Сите овие параметри потврдуваат дека економијата се движи во добар правец, а земјата бележи економски раст и напредок.

Владата предводена од СДСМ останува посветена на мерките што обезбедуваат интензивирање на економскиот раст, нови работни места и подобар животен стандард за сите граѓани“, додаваат од владејачката партија.

Поврзани новости