Во моментов нема планови за средба меѓу американскиот претседател Џозеф Бајден и рускиот претседател Владимир Путин, изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки, истакнувајќи дека „сега не е време за тоа“.
– Не планираме нивна средба, ниту телефонски повик. Претседателот Бајден беше многу јасен за тоа. Но, ние ги имаме тие разговори интерно и мериме голем број фактори, истакна Псаки за Си-Ен-Ен.
На прашањето дали би постоеле околности во кои Бајден би можел да седне на иста маса со Путин, доколку руските војници останат во Украина, Псаки рече дека не може да го процени тоа.
– Во овој момент тие вршат инвазија на суверена земја и продолжуваат да ескалираат секој ден. Никогаш нема да ја повлечеме дипломатијата од маса, но сега не е време за тоа, нагласи претставничката на Белата куќа.
Таа додаде дека американската администрација „нема проценка“ дали се приближува до забраната за увоз од Русија.