Балканската музичка ѕвезда Цеца Ражнатовиќ ќе настапи во Пробиштип на 21-ви август, но не на општинската манифестација посветена на Денот на рударите, туку во приватен локал.
Веста за ,,Фокус” ја потврди градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов, кој вели дека таа ќе гостува во популарниот Аква парк, по повод десет години од неговото функционирање, а општината воопшто не е вклучена во настанот.
-Во периодот од 21-ви до 28-ми август, по повод 28-ми август, Ден на рударите, Успение на пресвета Богородица и Ден на Пробиштип, во градот се одржуваат низа на спортски и културни манифестации.
Се уште не е прецизирано околу деталите и не сме одлучиле дали ќе имаме музички гости од страна на манифестацијата ова лето, со оглед протоколите коишто се на сила. Ќе разговараме наредната недела, јавноста ќе биде известена.
Доаѓањето на Цеца во Пробиштип не е по повод Ден на рударите, туку десет години Аква парк, и општината не е вклучена во настанот – ни изјави градоначалникот.
Во минатото, на популарната општинска манифестација доаѓаа големи музички ѕвезди од регионот, кои имаа концерт на плоштадот, на 28-ми август, и привлекуваа голем број на посетители од цела земја.
Покрај настапот во Пробиштип, Ражнатовиќ најави концерт и во Охрид, на 14-ти август, исто така во приватен локал.
Барем засега, нема официјална најава дека таа ќе настапи на некоја општинска манифестација кај нас, иако пред пандемијата беше честа гостинка на градските плоштади, за хонорар од околу 40 илјади евра.
Вики Клинчарова