Нема одложување на пописот, казни од 300 евра за граѓаните кои ќе одбијат да се попишат

by fokus

Во последното деноноќие се попишани повеќе од 20 илјади граѓани, државјани на Република Северна Македонија кои живеат и престојуваат во странство, со што вкупната бројка на оние кои се самопопишале до утринава во 9 часот е 121.580 лица, соопшти денеска на прес-конференција Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика (ДЗС). Таа заедно со владиниот портпарол, Душко Арсовски соопшти дека одложување на пописот нема и ќе почне на 1 април, а за граѓаните кои ќе одбијат да се попишат ќе има казни од 300 евра.

Таа појасни дека ова нагло зголемување се должи на викендот и смета дека кампањата што се води во странство ги дава резултатите, апелирајќи до граѓаните да се самопопишуваат.

– Тоа е многу едноствна процедура, лесно достапна и брзо се завршува. Податоците што се даваат се безбедни и максимално заштитени и ќе се користат исклучиво како податоци само за статистички цели, нагласи Ѓоргиева.

Таа порача дека главниот попис во земјава ќе почне на 1 април, а викендов заврши последниот дополнителен конкурс за попишувачи, на кој се пријавиле над 2.600 лица или околу 800 повеќе од она што требало во одредени пописни реони и нагласи дека се задоволни од одзивот. Ѓоргиева информира дека вчера биле направени списоците, а денеска во сите пописни реони каде се барале попишувачи има тестирање на кандидатите, а се очекува во следните денови да ги имаат резултатите и да почнат да се изготвуваат решенијата за ангажирање на попишувачите. Во следните денови продолжува и дистрибуцаијата на материјалите потребни за работа на комисиите на пописните реони, а почнуваат и обуките на реонските инструктори кои потоа ќе бидат оспособени да ги обучуваат реонските попишувачи.

– Засега сѐ се одвива според планот и роковите кои досега беа предвидени и нема никакви одложување на сите постапки и процедури, нагласи Ѓоргиева.

На заедничката прес-конференција портпаролот на Владата дополни дека пописот е од витално значење за државата за понатаму да може да се прават стратегии за развој.

– Правиме се што е потребно за заштита на населението. Имаме прецизни протоколи, скроени за безбедно спроведување. Подготвени сме за секој детал, за секоја ситуација и сите постапки течат непречено. Протоколот го изработи Комисијата за заразни болести. Стандардите за заштита се највисоки и во целост ги штитат граѓаните и попишувачите. Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, по сите стандарди без застој. Овие протоколи и досега давале целосна заштита во други процеси, нагласи Арсовски.

Тој информира дека се ангажирани голем број координатори и попишувачи, кои ги следат протоколите за да нема потреба од никакви одложувања.

Арсовски посочи дека учеството во пописот е задолжително, кривично се одговара само за поттикнување на бојкот на статистичката операција, а против тие што ќе одбијат да се попишат ќе биде почната прекршочна постапка, за што казните се до 300 евра.

Поврзани новости