Министерот за финансии Фатмир Бесими во вечерашното интервју за телевизија „Сител” рече дека Владата денеска презентирала три ставки од Концептот на даночната реформа и тоа данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност.
– Значи, пристапот е да се направат измени кои ќе значат поддршка на одржливост на целата даночна реформа. Второ, идејата е даночниот систем да биде поправеден, потранспарентен, поедноставен и поквалитетен. И пристапот беше да нема нови даноци и зголемување на даночните стапки, туку проширување на даночната база. И тоа по два основа – намалување на сивата економија и ревидирање на даночните ослободувања, рече Бесими.
Во однос на листата на производите со повластена даночна стапка од пет посто, министерот посочи дека таа ќе биде ревидирана.
– Покрај прехранбените производи, повластена даночна стапка ќе имаат и оние стоки од домашно производство, вели Бесими.
Тој потенцира дека ќе бидеме земја со најдолга листа на стоки со повластена даночна стапка во однос на земјите во регионот.
– Значи ова што се предлага е да се исчисти тој список. Ние немаме интерес, во ова време на ценовна криза и инфлација, да ги зголемиме трошоците и цените на производите врз основа на ДДВ, потенцира Бесими.
Во однос за амандманот на опозицијата за намалување на акцизите за горивата и нивното барање да се намали ДДВ-то за електричната енергија, Бесими рече дека во моментов нема потреба за намалување на акцизата на горивата, но доколку дојде таква потреба, тоа ќе се случи.
– Сè уште по возилата има по еден или двајца патници, значи сè уште може да си го дозволат тоа. Доколку трошокот е на тоа ниво граѓаните да не можат да си дозволат да возат автомобили, тие би се возеле со јавен превоз, вели Бесими, додавајќи дека кризата е од толку голем обем што и граѓаните би требало да придонесат за штедењето.