Во делот на заштита на потрошувачите во најновиот извештај на Европската Комисија се вели дека земјата за следната година особено треба да ја усогласи правната рамка со правото на ЕУ за заштита на потрошувачите и зајакнување на оперативните структури кои служат за заштита на потрошувачите.
Европската Комисија препорачува земјата да ги интензивира напорите во контрола на тутунот, така што ефикасно ќе го спроведе правото на ЕУ со ратификување на Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи.
– Нема напредок во усвојувањето на новиот Закон за заштита на потрошувачите, а не е забележан напредок во градењето капацитети или јавни инвестиции во оваа област, иако е постигнат одреден напредок во усогласувањето на националните правила за безбедност на производите со правото на ЕУ. Следната тригодишна Стратегија за заштита на потрошувачите допрва треба да се донесе, стои во Извештајот.
Забележано е дека инспекциите на Државниот пазарен инспекторат се зголемени во извештајниот период, на вкупно 3.566 инспекциски надзори. Веб платформата за обезбедување информации за заштита на потрошувачите сè уште треба да се развие.
– Во 2021 година, Инспекторатот извршил 473 инспекции според општиот Закон за безбедност на производите, од 428 во 2020 година и 131 инспекција според Законот за градежни производи, од 20 во 2020 година. По овие контроли, Инспекторатот од пазарот ги повлече штетните производи, претежно играчки, светилки, заштитни ракавици, кацига за мотоцикли и детска облека. Инспекторатот има 278 вработени, но има недоволен број лиценцирани инспектори, само 171, а голем број вработени се блиску до пензија. За прашања кои не се поврзани со безбедноста, потребни се дополнителни напори за да се дефинираат упатствата и постапката за жалбите на потрошувачите и средствата за компензација, покажуваат податоците од годинашниот Извештај на ЕК.