Нема најави за какви било контрамерки од руска страна по нашето евентуално членство во ЕУ, вели директорот на Македонско-руската комора

by fokus

Македонските извозници не треба да очекуваат никакви пречки за пласман на рускиот пазар од политички причини, туку исклучиво од аспект на конкурентност, вели во интервју за МИА директорот на Македонско-руската комора, Дејан Бешлиев.

Бешлиев зборува за референдумот, напредокот на земјава кон евроатлантското интегрирање, имплементирањето на стандардите… правејќи паралела со пазарот во Руската Федерација и неговото значење за македонската економија.

„Ако најголемиот обем од размената на македонското стопанство и посебно на извозот се случува на теренот на Европската Унија и притоа најголемите и најзначајните трговските партнери на македонските компании доаѓаат од ова подрачје, природно е пошироката бизнис- заедница да очекува позитивен исход, со цел зголемување на своите активности на европскиот пазар.

Не би сакал да ги повторувам евентуалните бенефиции што се очекуваат од можното членство во клубот на најпросперитетните и најбогатите земји, а кои претходно ги изнесоа и други претставници од бизнис-заедницата од земјава.

Но, во оваа пригода би сакал да потенцирам еден значаен аспект. Македонско-руската стопанска комора смета дека процесот на напредување кон евроатлантското интегрирање ќе донесе современи вештини и повисок степен на образование на менаџерскиот кадар, кој во иднина ќе претставува носител на извозните активности на компаниите кон европските пазари, и во таа насока и на рускиот пазар. Ова го велам, пред се, поради фактот дека рускиот пазар се повеќе станува пазар на кој доминираат квалитетот и добрата ценовна политика. Приспособувањето кон европските норми и стандарди едновремено значи и усовршување на сопствените можности пред рускиот пазар. Ова е особено значајно ако се знае дека и во моментов нормите и стандардите во РФ се на ниво на европските, а во одредени сегменти се дури и повисоки.“

Поврзани новости