Нема мистериозен херој кој ноќе тампонира улици во Неготино, туку Делков испратил екипа на терен

by fokus

Откако пред шест дена јавно преку ,,Фокус”, но и преку социјалните мрежи, апелираа да им се среди проблемот со неасфалтираната улица во Неготино, која по секој дожд тоне во кал, жителите на истата информираат дека преку ноќ била тампонирана, а не знаат кој е мистериозниот херој, којшто им го решил проблемот.

Тие доставија фотографии од тампонираната улица, прашувајќи се кој би можел да го изврши тампонирањето. Велат дека пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Златко Пенков бил единствениот кој веднаш по објавата во ,,Фокус” дошол на самото место и се запознал детално со проблемот на жителите на улицата ,,Душко Делов” која се наоѓа на околу пет минути од центарот на градот.

И додека во свој стил, дел од неготинчани прашуваат дали низ градот шета некој суперхерој, кој им ги решава проблемите на граѓаните, беа да се експонира, други пак заслугата му ја препишуваат на Пенков.

Сепак, во телефонски разговор за ,,Фокус” претседателот на Советот на општината, Диме Витанов, вели дека добро би било за секој град да има по некој суперхерој кој ќе ги решава сите проблеми, но за тампонирањето на улицата ,,Душко Делов” бил заслужен градоначалникот Тони Делков и општината.

-По обилните дождови екипи на општината извршија обиколка на градот и на околните региони, по што беа санирани голем дел од штетите. Не е Супермен, туку градоначалникот Делков ја испрати екипата да ја тампонира улицата за која реагираа граѓаните. Околу тоа дали истата наскоро ќе биде асфалтирана, се уште немам детали, но се работи на терен на повеќе локации кои често се најпогодени во време на врнежи – вели Витанов.

Додава дека за да нема забуни и шпекулации низ градот, информацијата за тампонираната улица ќе биде објавена и на официјалната страница на општината.

Вики Клинчарова

Поврзани новости