Нема масовна злоупотреба на лични податоци, тврди Спасовски

by fokus

Не може да стане збор за некакво масовно злоупотребување на лични податоци или, пак, тенденција на некакво зголемување, тврди министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по информациите на Државната комисија за спречување на корупцијата во која се посочува на сомнеж и ризик од злоупотреба на лични податоци.

-Ние и досега сме имале постапување по предмети коишто значат злоупотреба на лични податоци. Не може да стане збор за некакво масовно злоупотребување податоци или, пак, тенденција на некакво зголемување. Дополнително е познато дека постои посебна Агенција за заштита на податоци и тука за сите институции коишто постапуваат со личните податоци има посебни правила, прописи, процедури на основа на коишто се постапува. Најголемиот дел на злоупотребата на личните податоци е токму преку порталите, преку социјалните мрежи итн. Затоа треба да се работи многу повеќе во делот на подигање на јавната свест, меѓутоа и репресивниот елемент. Така што, тие предмети што ги работиме, ако имаат завршница во судот, тоа ќе влијае и на другите лица коишто злоупотребуваат лични податоци, а од друга страна мора да се работи на подигањето на јавната свест на граѓаните, тие мора да бидат запознаени дека не можат да се злоупотребуваат личните податоци на кој било, рече Спасовски.

Министерот за правда, Кренар Лога, пак нема никакви информации за ова иако Управата за водење на матични книги е под ова министерство.

-Треба да се обратите до директорот на Управата за водење матични книги, тој е одговорен за тоа прашање. Јас ниту имам такви информации, бидејќи тоа е посебен орган во состав на Министерството и најверојатно таму имаат некакви информации, рече Лога, а поранешниот и сегашниот директор не ги коментираа овие информации.

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) вчера на седница отвори сериозни сомнежи за трговија со милиони лични податоци на македонските граѓани.

Случајот се однесува на дигитализацијата на матичните книги, со податоци за умрени, родени и венчани, спроведуван преку Управата за водење на матичните книги, на распишан тендер кој го добила фирмата „Новатек инв“ ДООЕЛ.

 

Поврзани новости