Оранжериите во Богданци во сопственост на фирмата „ДЕНА продукт“, компанијата за која австрискиот амбасадор Георг Вуцас испрати писмо до медиумите со остри пораки и побара смена на судии и обвинители, а е поврзана со братучетката на поранешниот премиер, Зоран Заев, кој исто така беше посочен во писмото, денеска нема да се продаваат.
Иако за на пладне беше закажано јавно наддавање кај извршителот Ангел Костадиновски во Кавадарци, лицитацијата е одложена за деведесет дена на барање на австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ којашто се месеци се мачи да наплати 4,5 милиони евра од валандовската компанија за корнишони, иако има пресуда од Арбитражниот суд во Виена, валандовската компанија да плати отштета затоа што го прекршила договорот и корнишоните од прва класа наместо на австриската ги продавала на конкурентска компанија од Германија.
Извршителот Костадиновски за „Фокус“ потврди дека добил решение од гевгелискиот суд којшто го прифатил барањето на австриската фирма наддавањето да се одложи за 90 дена.
Оранжериите се проценети на околу 3,7 милиони евра, но оваа цена не е конечна туку ќе зависи од понудените цени. Доколку се продаде овој имот, австриската компанија ќе нема од каде да го наплати долгот.
Писмото на австриската амбасада следуваше откако неделникот „Фокус“ објави дека валандовската компанија го прекршила договорот со австрискиот инвеститори, па Арбитражниот суд во Виена пресудил да плати над 4 милиони евра.
Во соопштение до медиумите, австриската амбасада соопштува дека последно на 7-ми јуни, Основниот граѓански суд во Скопје одобрил времена мерка со која го замрзнал недвижниот имот на компанијата до извршување на арбитражната одлука, односно додека не се наплатат 4,5 милиони евра.
Но, валандовската компанија во сопственост на Атанас Костов, сопруг на Емилија Заева Костова, братучетка на Заев, ја обжалиле и оваа времена мерка. Извршувањето на меѓународната арбитражна одлука станала вистински предизвик за Австријците, бидејќи валандовската компанија, како што пишуваат од амбасадата, од почеток со поддршка на сродни компании, засилени со нотари и агенти презеле низа активности за да го избегнат барањето.
-Најголемиот дел од својот имот го префрлиле на „Глобал трејд ДММ“, Валандово, поврзана со компанија во сопственост на Емилија Заева-Костова, сопруга на Атанас Костов и братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев. Тие овозможиле две извршувања против нивните стакленици и имот во Валандово, при што постојат јасни докази дека официјалниот јавен катастар е изманипулиран како поддршка на овие акции и поттикнаа јавно наддавање на сопствената стаклена градина на 10 јули 2023 година покрај тековните граѓански дејствија и кривични истраги, се велеше во писмото од амбасадата.
По писмото на амбасадорот, Заев најави тужба против него, ако уште еднаш го спомене неговото име во негативен контекст.
Австрискиот амбасадор побарал од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ги отстрани сите пристрасни судии и обвинители кои постапувале во овој случај. Воедно, побарал и од Коморите на нотарите и извршителите да се одземат лиценците на нотарите и извршителите кои постапувале во овој случај.
Инаку, австриската фирма„АММА ДОО Хоенемс“ поднела три кривични пријави до Јавното обвинителство.
Според податоците од Обвинителство, првата пријава австриската фирма ја поднела до Основното јавно обвинителство Гевгелија за кривично дело – Измама и Злоупотреба на службена положба.
Надлежниот јавен обвинител, по проверка на сите наводи утврдил дека нема елементи на наведените кривични дела, туку елементи на граѓанско-правен однос за кој оштетените воделе постапка која е завршена пред Меѓународниот центар за арбитража во Виена, Австрија.
По поднесена жалба, предметот е во Виштото јавно обвинителство Скопје, но според нашите информации, и ова Обвинителство ја отфрлило пријават. Австриската фирма не застанала тука, поднела пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за кривично дело – Оштетување или повластување на доверители и уште една до скопското обвинителство за вработени во Агенцијата за катастар.
-Пријавата е примена на 26.05.2023 година и надлежниот јавен обвинител веќе постапува, прибира докази, а по потреба ќе нареди и соодветни вештачења. До Основното јавно обвинителство Скопје, пак, истото правно лице на 23.06.2023 година поднесе кривична пријава против НН службени лица во Агенцијата за катастар за недвижности за Несовесно работење во службата, Фалсификување службена исправа и Компјутерски фалсификат.
Пријавата веќе е распоредена кај јавен обвинител, се проучува и се преземаат дејствија со цел да се испитаат наводите, да се обезбедат докази и да се идентификуваат евентуални сторители. Иако во конкретниот случај во основа станува збор за граѓанско-правен однос меѓу правните субјекти, а нивните права се обезбедуваат во соодветни судски и други постапки, по поднесените кривични пријави се постапува исклучително ажурно, објаснуваат од Обвинителството.
За случајот „Фокус“ пишуваше на 1 јуни, но немаше никаква реакција од институциите се до писмото на австрискиот амбасадор.
Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ