Се уште не е обезбедена судница која може да ги прими сите кои мора и кои сакаат да присуствуваат на судењето на обвинетите од случајот „Диво Насеље”
Единствената сала за судење организиран криминал во Македонија стана претесна, а Врховниот суд не дозволува да се користи свечената сала.
Претседателот на Судот информирал дека и покрај обидите преку Министерството за правда да биде обезбедена просторија до денеска тоа не е направено.
Наместо старт по спојување на двете судски постапки за „Диво Насеље”, скопскиот кривичен суд само кратко информираше дека судење нема и дека за следното продолжение, закажано за в понеделник, сите инволвирани ќе бидат дополнително известени. До тогаш сите обвинети остануваат во притвор.
Во случајот „Диво насеље“ се обвинети вкупно 29 лица за тероризам и терористичко организирање за случувањата од 9 и 10 мај лани во Куманово. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.