Новиот министер за правда, Игор Филков кој ја презеде министерската функција од неговиот претходник, Кренар Лога е кадар на партијата ЗНАМ, на Максим Димитриевски која стана дел од владината коалиција на чело со Христијан Мицкоски.
Во првото соопштение Филков најави реформи во сферата на правосудството и засилување на борбата против криминалот и корупцијата, деполитизација на судството и обвинителството, враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем и владеење на правото.
Тој најави дека во периодот кој следи ќе се обрне поголемо внимание на измените на Закните за судски совет, за јавно обвинителство, за Советот на јавни обвинители, спроведување на реформската агенда во рамки на процесот на имплементација на планот за раст на Западен Балкан.
Иако правосудниот систем и ниската доверба во него, се клучните предизвици на новата владина коалиција, новиот министер нема никакво искуство во правосудството, туку е управител на приватна фирма.
–Роден е во 1979 година во Скопје, претседавач е на Централен одбор на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, член на Извршниот одбор, Приватен сопственик, Управител на „Спектрум Медикал“ Скопје, Надворешен соработник на Проект на ФАО – Канцеларија Скопје (UN Food and Agriculture Organisation).
Вработен е во локалната канцеларија во Македонија за Косово, Логистика и набавка НВО Солидаритес – Solidarités International, пишува во неговата официјална биографија.
Во период од 1997 – 2002 бил активист во Студентски Сојуз и завршил на правниот факултет „Јустинјан Први“ во Скопје.
„Фокус“ го праша новиот министер како ќе се справи со предизвиците во правосудството со оглед на тоашто нема искуство во оваа област.
-Министерството за правда има исклучително голем опсег на надлежности, меѓу кои и подготовка на закони, од областа на правосудството. Но тоа не е единствената надлежност. Министерската функција, впрочем подразбира и менаџирање со процеси и луѓе, а прописите секогаш ги подготвуваат тимови од стручни кадри. Во тој дел, мислам дека го поседувам неопходното искуство, а времето ќе потврди дали тоа е така, изјави Филков за „Фокус“.
На нашето прашање дали е за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители како што најавува премиерот Христијан Мицкоски и што е дел од владината програма, Филков вели дека Министерството има подготвено драфт верзија на Законот за судски совет за кој ќе се отвори широка дебата.
Според неговиот одговор, станува збор за измените на Законот за судски совет кој го подготвуваше работната група во време на неговиот претходник, Кренар Лога, а не за нови измени на Законот за судски совет, односно не станува збор за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
-Што се однесува до Судскиот совет на РСМ, Министерството за правда веќе има подготвено драфт-верзија на Законот за Судски совет, за кој планирам да отворам широка и јавна дебата и заедно со експертската јавност да дојдеме до најдобро заедничко решение, вели Филков за „Фокус“.
Драфт верзијата на измените веќе е објавена на ЕНЕР, а со нив се предвидува индивидуалната дисциплинска одговорност на членовите на Советот со посебен фокус на дефинирање на причините поради кои може да се иницира постапката, органите кои ќе постапуваат и правото на жалба.
Најавите на Мицоски за распуштање на Судскиот совет и Советто на јавни обвинители предизвика јавна дебата меѓу сегашниот премиер и поранешниот министер Лога. Мицкоски беше дециден дека ќе има распуштање на двете тела, додека Лога предупредуваше дека тоа би било упад во судската власт и дека оценската мисија на ЕУ која беше во посета на Судскиот совет, не предвидува негово распуштање.
Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ