Нема индиции дека пожарот во Тетово е подметнат намерно за да се постигне некаква политичка цел, тврди Пендаровски

by fokus

Досега не постојат индиции дека пожарот во модуларната ковид болница во Тетово бил намерно предизвикан, изјави претседателот Стево Пендаровски денеска во Тетово. Надлежниот јавен обвинител го информирал дека за околу час до два и формално ќе го завршат увидот кој трае веќе втор ден и во најбрз можен рок потоа ќе излезат со нивниот извештај.

-До овој момент нема никаков индикатор дека ова е направено намерно со цел да се постигне некаква друга политичка цел. Меѓутоа, велам, тоа е во овој момент и се разбира тоа ќе ви го каже денеска или наредниве денови надлежниот јавен обвинител. Процедурата е, тие даваат наредби до другите надлежни институции од обдукција до МВР. Обвинителот ми рече дека ќе им даде многу кратки рокови, веројатно пет дена за секоја институција да одговори од својата надлежност, по нивното добивање на тие извештаи ќе излезе тој со свој збирен извештај во кој ќе се види прво што е причината за пожарот и второ и дали зад тоа евентуално има човечка грешка, рече Пендаровски.

Тој истакна дека за да нема сомневања во истрагата за овој немил настан, Владата изразила подготвеност да повика и странска експертиза. Основа за подетална анализа, според претседателот, е и самиот факт што модуларната болница изгорела во целост за само неколку минути.

– Меѓутоа, тоа е работа на надлежните институции. Имаме доволно стручни кадри во сите овие институции кои се инволвирани во оваа т.н. повеќеслојна истрага. Јас мислам дека за кратко време ќе ја знаеме вистината. Јавно да кажам, до овој момент, бидејќи имаше и такви шпекулации, јас ова утро разговарав на пример со претседателот на Словенија, Пахор, тој ме праша исто, има различни шпекулации дека е можеби подметнато, дека можеби има врска со 30 години независност, дека има некакви конспирации за тоа. До овој момент нема никаков индикатор дека ова е направено намерно со цел да се постигне некаква друга политичка цел, рече Пендаровски.

Пендаровски е единствен од државниот врв кој по катастрофалниот пожар во кој загинаа 14 лица излезе јавно.

Поврзани новости