Нема гориво, нема градски превоз: Директорка на ВМРО-ДПМНЕ ја поништила постапката за набавка на дизел

by Fokus

Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје се соочува со досега најголеми проблеми во функционирањето, нема доволно гориво за сите автобуси, а оние кои сообраќаат, доцнат со часови со што е загрозено и функционирањето и на работниците и на учениците.

Бирото за јавни набавки пред една недела ја поништило постапката за набавка на гориво еуродизел во фазата на управен надзор на 13 ноември.

Бирото за јавни набавки нема објаснување што открил надзорот во оваа постапка, но според законот тендерот може да биде прекинат после спроведување на контролата.

Во член 177 од Законот за јавни набавки е наведено дека:

„Доколку Бирото најде неправилности кои влијаат врз исходот на постапката, ќе даде инструкции што треба да преземе договорниот орган за да ги отстрани неправилностите или да ја поништи постапката доколку во оваа фаза од постапката истото не е можно “.

Врз основа на таквите инструкции од Бирото за јавни набавки, огласот за нафта на ЈСП е поништен и потоа е распишан нов. Во меѓувреме ЈСП остана без доволно нафта и градскиот превоз колабираше бидејќи речиси сите автобуси се повлекуваа од улиците.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска ја обвини новата директорка на Бирото за јавни набавки и премиерот Христијан Мицкоски за проблемите со превозот во Скопје.

„Кадарот на шефот на ВМРО-ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки, Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за првпат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио. Од моментот кога Мицкоски отпочна да преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, кое како и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, отпочна и голготата на претпријатието. Во исто време почнаа и шпекулации за урнисување на ЈСП поради можно сценарио за негова приватизација“, соопштија од град Скопје.

Директор на Бирото за јавни набавки е Маре Богева Мицовска која беше назначена во јули 2024 година. Беше директорка на Бирото и во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во периодот меѓу 2006-та и 2014-та година. Во нејзиното време се случи и јавната набавка на службениот мерцедес купен од МВР за потребите на тогашниот премиер Никола Груевски за што имаше и судски случај „Тенк“ во кој затворски казни добија премиерот и тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

Таа одлежа затвор, Груевски избега во Будимпешта како политички азилант, а спорното возило го користеше следната власт на СДСМ и на ДУИ.

Во нејзиниот нов мандат БЈН поништи четири постапки од кои две се на јавни претпријатија во град Скопје. Една од нив е набавката на дизел на ЈСП.

Автобусите лежат расипани поради недостаток на делови

Во однос на тоа дека во автобазите дека има многу расипани автобуси, Миќо Стојановски од Синдикатот на ЈСП при ССМ за „Фокус“  вели дека тоа се инвентарни автобуси, како стари „саноси“, стари „манови“, расходовани „Лазови“, двокатни туристички автобуси, кои и во извештаите на ревизијата се водат како бројка.

– А дека има дефектни возила и дека лежат за делови и тоа е вистина. Ви кажав дека пропаѓаат тендерски постапки, а тоа не знае да чека. Автобуси лежат за мали делови на пример за филтри, за компјутери, за инјектори од дизни, понекогаш и за пневматици, меѓутоа тоа е процес што некогаш завршува и тие делови се носат и се монтираат. Но, дека има дефектни возила во двете автобази поради недостаток на делови, има – вели Стојановски.

Во Јавното сообраќајно претпријатие има тенденција на заминување на персоналот и речиси во секој сектор на претпријатието недостасуваат вработени, посебно во сервисите кои и онака работата со недоволен број на луѓе.

– Ние во последните 15 години не примивме млад возач. Дојдоа луѓе што крстосувале по европските патишта со камиони, луѓе што возеле по туристички агенции, луѓе што работеле кај приватните превозници, луѓе што на 50 години извадиле Д-категорија.

Истото се случува и со одржувачите, страшно е, нема кадар, а нема ниту од каде да се прими. Стручните училишта не произведуваат таков кадар кој ни треба. Во меѓувреме, покрај возачите што напуштаат, ЈСП, заминува и стручен кадар: сообраќајни и машински инженери, економисти, правници – открива првиот човек на синдикатот.

Какви автобуси возат по скопските улици?

Скопјани се возат во автобуси со просечна старост од 12 години, од кои 32 се марка „санос“ купени во 1995 година. Со нив управуваат возачи на просечна возраст од 50 години. Тоа го велат податоците запишани во Годишниот извештај за работа на ЈСП во 2022 година.

По улиците сообраќаат 215 кинески „Јутонг“ со просечна старост од 10 до 12 години во зависност од испораката во земјава, се возат 77 украински „Лаз“ со просечна старост од 12 години, 32 „Санос“ со просечна старост од 27 години. ЈСП има вкупно 379 автобуси, 365 соло и 14 зглобни возила со просечна старост од околу 12 години.

Во 2022 година градските автобуси поминале вкупно речиси 17 милиони километри, превезле 28,5 милиони патници и потрошиле 6,5 милиони литри нафта.

Нови автобуси не се набавени од времето на градоначалникот Петре Шилегов, односно последните 33 автобуси „ман“ се купени пред повеќе од четири години.

Често менување на директори и молење за плати

Во мандатот на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, претпријатието се соочува со често менување на директори. Последната смена се случи кон крајот на јуни. Арсовска за нов директор на ЈСП Скопје го постави Драги Кушовски.

Кушовски е четврти директор на јавното сообраќајно претпријатие откако градоначалничка на Скопје е Данела Арсовска. Најдолго се задржа Крсте Петревски, речиси една година.

Нејзините одлуки го навлекоа и гневот на советниците во Советот на Град Скопје кој е основач на претпријатието ЈСП Скопје. Таа неколку пати побара од советниците да изгласаат субвенции за плати за вработените во ЈСП.

Додека траеја кавгите помеѓу Арсовска од една страна и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од другата страна, вработените неколкупати штрајкуваа за плати, а скопјани исто толку пати останаа без јавен превоз.

ЈСП остварило профит за 2023 година, но се уште се „гребе“ субвенции

Според Годишната сметка на Јавното сообраќајно претпријатие за 2023 година, ЈСП Скопје остварило нето добивка од 28.425.348 денари или нешто над 460.000 евра.  Во 2022 година претпријатието генерирало загуба од 384 милиони денари или нешто повеќе од 6,2 милиони евра.

Ако се земат во предвид нето добивката за 2023 година и акумулираната загуба од над 10 милиони евра, оваа година претпријатието ја почна со загуба од 9,8 милиони евра.

Протести утре на кои ќе се приклучат и студентите

И студентите ќе се приклучат на протестот пред Град Скопје, утре, во 13:30 часот, бидејќи, како што велат, доцнат на предавања и на испити.

Студентското собрание ѝ постави ултиматум на градоначалничката Арсовска:

– Јавното сообраќајно претпријатие Скопје – Скопје и градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска, до крајот на денешниот ден да воспостават итна и неодложна редовност на автобуските линии и враќање во нормална функција на јавниот градски превоз во град Скопје со цел зачувување на интегритетот на студентите и студентскиот стандард.

Доколку не се добие повратен одговор на ова барање и не се регулира сообраќајниот режим, како легитимно тело кое претставува над 28.000 студенти при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетското студентско собрание ќе се приклучи масовно на организираниот протест утре со цел изразување на огромното незадоволство од менаџирањето на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје- Скопје – се вели во соопштението од УСС УКИМ, потпишано од претседателот Александар Николовски.

Студентите бараат продолжување и финализирање на проектот за Bus Rapid Transit, воведување градска железница со искористување на постојните капацитети и изградба на пруга до Аеродромот Скопје, отпочнување и финализирање на предвидените инфраструктурни проекти (Јужен булевар, бул. Хрватска, бул. Србија, мостот кај Хотел Русија, продолжување на бул. Климент Охридски преку Вардар, под Кале до бул. Никола Карев, продолжување на бул. Илинден, Источна обиколница), набавка на нови автобуси и отворање нови автобуски линии и надградба на велосипедската инфраструктура и промоција и поддршка на алтернативни видови транспорт.

Претседателот на градскиот совет Трајко Славески закажа итна седница на Советот за денеска во 18 часот.

О.К.

Поврзани новости