Нема доволно докази дека суплементите за витаминот Д ги штитат луѓето од Ковид-19, соопштија британски експерти кои сепак продолжуваат да советуваат да се зголеми внесувањето на овој витамин во текот на зимата, бидејќи позитивно делува на здравјето на коските и мускулите.
Ова го порача научна комисија составена од експерти од Националниот институт за здравје и нега, Јавното здравство на Англија и Научниот советодавен одбор за исхрана, наведувајќи дека се потребни повеќе истражувања за ваквото тврдење, јави Би-Би-Си.
Здравствените експерти извршиле брза ревизија на доказите за врските меѓу витаминот Д и Ковид-19, откако мал број студии сугерираа дека тој може да игра важна улога во имунолошкиот одговор на организмот на респираторни вируси.
Сепак, тие открија дека „нема доволно докази“ за да се препорача за превенција или лекување на болеста.
Тие велат дека земањето витамин Д е особено важно оваа зима поради времето што луѓето го поминуваат во затворен простор изолирајќи се и штитејќи се од корона вирусот.
Тоа значи дека можеби не се произведува доволно витамин Д од сончевата светлина која е клучен извор за човечкиот организам.
Витамин Д може да се добие и од одредена храна, како што се мрсна риба и житарици, како и додатоци.
Некои луѓе немаат доволно витамин Д дури и во пролет и лето, вклучително и оние со темна кожа (како што се луѓе со африканско, африканско-карипско или јужноазиско потекло), луѓе во домови за стари лица и оние кои не излегуваат често или покриваат поголем дел од кожата кога се на отворено.
На луѓето од овие групи им се препорачува да земаат додаток на витамин Д во текот на целата година.
– Оваа година, овој совет е поважен од кога било, затоа што многу луѓе поминуваат повеќе време внатре, велат британските експерти.