Лидерите на Движењето „Самоопределување“ и на Демократскиот сојуз на Косово, Албин Курти и Иса Мустафа не успеаја денеска да се договорат за идната заедничка влада, јави дописникот на МИА од Приштина.
По денешната средба зад затворени врати во косовското Собрание, по која се најавуваше потпишување договор за коалиција, двете партии кои победија на октомвриските избори најавија дека преговорите ќе ги продолжат „во следните денови“.
Курти по состанокот изјави кратко дека сепак е постигнат извесен напредок.
– Договор, сепак, немаме. И натаму има прашања за кои не се согласуваме, изјави лидерот на „Самоопределување“, кој се очекува да го добие мандатот за формирање на влада.
Мустафа истакна дека со Курти имале „содржакни разговори“.
– Се согласивме во врска со владината програма. Договор за коалиција денеска нема, но се договоривме да продолжиме да работиме. Нашите разлики ќе ги соопштиме откако ќе ги приближиме ставовите, нагласи Мустафа.