Нема да се мешам во уредувачката политика, само ќе помагам економски за опстојување на телевизијата!

by Fokus

Не се свртувам многу кон коментарите кои дојдоа на моја сметка, по моето вчерашно гостување во емисијата кај новинарката Снежана Лупевска, каде разговаравме околу повеќе актуелни теми. Тоа што некому можеби му пречи, што реков дека луѓето свој леб јадат, а туѓо гајле берат, кога бев прашан кој ќе ја финансира нашата телевизија, не е ништо спорно. Јас не ги прашувам сопствениците на останатите телевизии во земјава од каде и како се финансираат, важно е да биде се според закон. Нема што газди на други телевизии да се плеткаат во тие работи – во телефонски разговор за „Фокус” вели митрополитот Петар, чија телевизија ќе започне со емитување на програма на први мај.

Тој појаснува дека во фирмата „Преобразба“, чиј основач е, а која ја добила дозволата за емитување, има повеќе луѓе. Вели дека нема да биде дел од уредувачката политика на медиумот, но додека телевизијата да застане цврсто на нозе, тој ќе биде тука, да помага економски за нејзино опстојување.

Прашан како на свои 77 години има енергија, но и од каде идејата во осмата деценија од животот да се впушти во овој бизнис, митрополитот вели дека целта му е да помага на народот.

-Сакам да придонесам да се надмине оваа општа криза која е актуелна, да му помогнам на општеството со совети, па и со критики. Во врска со годините, Господ ме држи. Се уште не откривам детали за програмата, но ќе биде тоа еден поинаков концепт од оној кој го имаат актуелните телевизии во земјава. Ќе се трудиме да бидеме поразлични, другите да не копираат нас, а не ние да копираме – вели митрополитот.

Околу многубројните јавни критики кои се предизвикани од неговите ставови на повеќе теми, тој вели дека критиките му се всушност од голема помош.

-Добро е тоа што има критики. Ако не се критиките, човек може да се заборави, па повеќе да греши. Добредојдени се добронамерните критики, но не и оние злобните. Пред да се искритикува со злоба, да се размисли, да не се греши душа. Ние сме тука да помагаме во рамки на нашите можности, но сметаме дека нема потреба тоа да се истакнува.

На пример, во нашата епархија имаме Фонд за трето дете. Тоа значи дека на сите семејства кои имаат три и повеќе деца, а кои се во лоша финансиска состојба, ние парично им помагаме. Исто така, даваме помош и за време на големите верски празници, но која е поентата да се помага, ако тоа мора јавно да се истакнува?

Не сакаме да се фалиме, делата нека зборуваат. Како за хуманоста, така и за телевизијата. Кога ќе се започне со емитување на програма, нека процени јавноста дали е добро ова кое го правиме – истакна митрополитот.

Инаку, Петар Каревски, чие световно име е Владика Петар, е митрополит на Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ и по потекло е од Богомила. Се замонашил во 1980 година, а за митрополит на Преспанско-битолската епархиjа e избран во 1981 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости