Нема да има нови измени на Изборниот законик пред локалните избори на 17 октомври, иако партиите подолго време разговараа на оваа тема, најави премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, истакнувајќи дека партиите не можат да ги усогласат сите ставови.
-Претседателот на Собранието ме информира дека со последните измени со отисок од прст и со измените на ОБСЕ/ОДИХР законот ќе остане таков каков што е за да нема замерки дека во „пет до 12„ нешто се прави, а притоа тоа би било само блокада на законското решение. Законското решение ги потврдува поволностите на независните листи, значи прагот останува ист, ги дава сите досегашните можности на конституирање на кандидатските листи за советници и градоначалници, ја зголеми транспаретноста и одговорноста заради вградените препораки од ОБСЕ/ОДИХР, првпат ќе се гласа со отисок од прст во државата што е гаранција за фер и демократски избори и верувам дека таков исчекор ќе продолжиме и натаму да правиме – рече Заев.
Заев додаде дека сите измени што останаа, кои се по препорака на ОБСЕ, на опозициските партии и на дел од медиумите, ќе останат да бидат вградени во Изборниот законик по изборите.
-Една од нив беше да се нивелира процентот за независни листи, и веројатно ќе се донесе еден процент или пониско од еден процент за да биде еднакво за сите општини, имавме други сугестии кои доаѓаа пред се од опозициските партии, но и од медиумите за политичкото рекламирање, што остануваат веднаш после изборите, но сега одиме со овие законски решенија кои исто така се соодветни, но унпаредувањето од тој аспект ќе го продолжиме после изборите – рече Заев.