Бебето родено под рушевините по земјотресот во Сирија, малата Аја, излезе од болница и пристигна во новиот дом, известуваат тамошните медиуми. Таа е посвоена од страна на семејството на блиски роднини, а името Аја кое и го дадоа докторите и кое значи на арапски – чудо, дар, и го промениле во Афра, во спомен на мајка и, која настрада во земјотресот заедно со останатите четири деца.
Тетинот на Афра кој со семејството ја посвои, Халил Ал Савади, изјави дека таа ќе живее со него, неговата сопруга и нивните четири ќерки и два сина.
-Таа е сега мое дете. Нема да ја делам од моите деца. Ќе ми биде најдрага оти е спомен од нејзините мајка, татко, сестри и браќа – порача Савади.
Додаде дека и неговата сопруга, неколку дена по земјотресот родила ќерка. Случајот со малата Афра го привлече вниманието на целата светска јавност. Многумина се понудија да ја посвојат, но роднините, иако живееле во тешки услови, не се откажаа од неа.
Во време додека беше во болница, нејзе ја доела сопругата на директорот на болницата во Африн. Имаше обид и за нејзино грабнување од болницата, кога таму упаднаа вооружени напаѓачи.
Вики Клинчарова