Рускиот претседател, Владимир Путин ја спореди руската инвазија на Украина со борбата против нацистичка Германија, во говорот по повод 80-годишнината од крајот на битката кај Сталинград.
Осврнувајќи се на одлуката на Германија да испрати тенкови Леопард во Украина, Путин тврди дека историјата се повторува.
„Неверојатно, но вистинито. Германските тенкови Леопард повторно ни се закануваат“, рече Путин.
Русија ја започна својата инвазија пред речиси една година, што ги натера западните земји да испратат оружје и помош до владата во Киев, пишува Би-Би-Си.
Говорејќи во Волгоград (модерното име на Сталинград), Путин навести дека можеби ќе се обиде да го надмине конвенционалното оружје.
„Оние кои се надеваат дека ќе ја победат Русија на бојното поле, изгледа не разбираат дека модерната војна со Русија ќе биде многу поинаква за нив“, рече рускиот претседател и додаде:
„Ние не ги испраќаме нашите тенкови до нивните граници, но имаме со што да одговориме. И тоа нема да заврши со употреба на оклопни возила. Секој мора да го разбере тоа“, додаде тој.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да ги елаборира изјавите на Путин, но им рече на новинарите дека „како што колективниот Запад испорачува ново оружје, Русија повеќе ќе го искористи својот потенцијал за одговор“.
Комеморацијата за битката за Сталинград доаѓа во време на жестоки борби меѓу руските сили и украинските војници во таа поранешна советска република. Таа победа се уште ја слави Русија, која важи за наследник на Советскиот Сојуз, кој ја спаси Европа од нацизмот.