Со 83 гласа „за“ и 17 „против“ во Собранието поминаа законските измени за локална самоуправа, со кои в.д. градоначалници да може да управуваат со општините и до две години.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ – Блерим Беџети пред гласањето во име на пратениците од Европскиот фронт ги кажа причините зошто одлучиле да ги поддржат овие законски измени.
Беџети посочи дека целта е да не се мачат граѓаните да излегуваат на вонредни избори, како и да се заштедат пари во Буџетот.
За тоа дали поддршката од ДУИ е резултат на некаков договор меѓу опозициската партија и владејачката ВМРО-ДПМНЕ останува непознато.
Со Измените на Законот за локална самоуправа ќе се избегнат вонредни избори за градоначалници во три македонски општини – Аеродром, Гостивар и Сарај, откако Тимчо Муцунски и Арбен Таравари станаа министри, а Блерим Беџети пратеник.
Со нив е предвидено в.д. градоначалниците да ги управуваат општините до редовните локални избори, идната година.
Пратениците од СДСМ не дадоа поддршка за овие измени со образложение дека власта им го одзема правото на граѓаните да одлучуваат.