Нема да биде отворена постапка за сопственичката структура на 1ТВ: Боки само се фалел

by fokus

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги одлучи да не покрене постапка за да се испита сопственичката структура на телевизијата 1ТВ. Ваквата иницијатива следи по изјавите на Бојан Јовановски кој се претставуваше како сопственик и газда на телевизијата, додека во извештаите на Централниот регистар се јавува името на неговиот татко како доминантен сопственик.

Поради ова како точка на дневниот ред на денешната седница се разгледуваше иницијативата за отворање на постапка за да се утврди дали има скриено сопствеништво во телевизија, а со тоа и повреда на членот 34 кој предвидува дека „радиодифузер не може да има таен содружник кој учествува со паричен или непаричен влог во радиодифузер“.

Советот на Агенцијата со три гласа за отворање на постапка, еден против и три воздржани одлучи да не отвори постапка.

Дури и претседателот на Советот, Лазо Петрушевски, кој гласаше „за“ рече оти смета дека документацијата е чиста и дека нема повреда на членот.

-Според мене нема проблем во документацијата, се е во ред. Се разгледува оваа точка поради изјавите на Бојан Јовановски дека е сопственик, но олеснителна околност е дека тој е син на доминантниот сопственик. Тоа го разбирам како самофалење од негова страна, но како Агенција сме должни да поведеме постапка според изјавите и да испитаме дали има или не таен сопственик – рече Петрушевски и испрати порака до 1ТВ во иднина да даваат точни изјави.

Според официјални податоци од Централен регистар, како сопственик на телевизијата се јавува БМЈ Медиа груп, каде доминантен акционер и директор на фирмата се јавува таткото на популарниот Боки 13, Миле Јовановски. Боки не фигурира во официјалните документи.

Поврзани новости