Во Клиничкиот центар нема да биде исклучена струјата, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека во „ЖРСМ Транспорт“ струјата треба да е веќе вклучена.
Ковачевски кажа дека се надева оти пратениците и Собранието ќе бидат експедитивни и ќе гласаат за пренамена на средства за да се покријат заостанатите сметки за струја на државните институции.
-Со последната прераспределба на Буџетот, Владата предвиде средства. Таа е доставена до Собранието, и штом тоа направи прераспределна на средства бидејќи за тоа е задолжено Собранието, тогаш соодветните ставки на Буџетот ќе можат да бидат финансирани и да се платат сметките на должниците. Тука вие прашавте за Клиничкиот центар и за другите институции во Министерството за здравство, како и за Железници. Штом ќе биде одобрена прераспределбата во Собранието тогаш веднаш ќе може да бидат платени и сметките од страна на Владата, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Според него, дел од институциите реално имаат проблем со плаќање на струјата бидејќи цената се зголеми за десет пати, а влијание имала и Ковид кризата. Дел од директорите во институциите, се сменети, вели Ковачевски, но тој тоа не го правел, како што кажа, помпезно како некои премиери претходно.
Претпладнево беше исклучена струјата на „ЖРСМ Транспорт“ АД во депото во Лисиче во Скопје и во објектите во Велес, поради долг за електрична енергија кон „ЕВН Македонија“. Според последните информации, „ЕВН Македонија“ побарува од „ЖРСМ Транспорт“ над 400 милиони денари за електрична енергија.
ЕВН има даде рок до 15 овој месец на повеќе институции да го платат долгот за потрошена електрична енергија, меѓу кои се и Клиничкиот центар и „ЖРСМ Транспорт“ и други.