Нема барање за притвор за Иџет Мемети, не биле најдени доволно докази – за Георгиев судот треба да одлучи за притвор

by Fokus

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција нема да бара притвор за Иџет Мемети, член на Советот на јавни обвинители, додека притвор се бара за врховниот судија Наќе Георгиев кој беше затекнат како зема мито за олеснување на постапката што ја води против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев.

-Прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законски основ на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, додека во однос на второосомничениот до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи, се вели во соопштението на Обвинителството за гонење на организиран криминал.

Според нашите неофицијални информации, Мемети бил на средбата како гаранција дека спогодбата со јавното обвинителство за предметот што го водело истото обвинителесво што сега ги гони судијата и обвинителот, ќе биде прифатена.

Случајот го пријавил синот на Стојчев, познат како „Боро Марлборо“, а според неговата пријава Георгиев и Мемети му ветувале дека погодности во постапката која се води против Стојчев за шверц на марихуана.

-По претходна пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вчера во попладневните часови МВР реализираше акција во која од слобода е лишен активен врховен судија. Врз основа на доставеното Известување од МВР, БЈБ, Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.

Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот, се вели во соопштението од Обвинителството.

Георгиев беше фатен со 10 илјади евра, а синоќа Судскиот совет на итна седница го симна неговиот имунитет и го одобри барањето за притвор, Сега се очекува Основниот кривичен суд да одлучува по предложената мерка.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости