Со Договорот за соработка меѓу Албанија и Македонија за враќање на незаконски изнесените икони во земјата на потекло, што беше потпишан вчера, се враќаат 20 икони кои пред десетина години беа нелегално изнесени од земјата, а постапката ќе се финализира по ратификација на Договорот во двете држави. Се отвора процесот за враќање и на други икони од Албанија што беа идентификувани неодамна.
Како што информираше министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, постапката се реализираше во период од повеќе од девет години и во неа беа вклучени стручни лица од Министерството за култура на Северна Македонија, Управата за заштита на културно наследство, МАНУ, Национален конзерваторски центар, Завод и музеј Битола и Завод и музеј Охрид.
-Тимот сите овие години стручните лица работеа синхронизирано и со една цел, враќање на иконите во земјава. Исто така, изразувам благодарност и до албанската страна, со која бевме во постојан контакт. Постојано разменувавме информации и стручни мислења. На заедничко задоволство, процесот има посакуван епилог, благодарение на професионалноста и на почитувањето на одредбите на Конвенцијата на УНЕСКО од 1970 година, за начинот на забрана и спречување нелегален транспорт, извоз и пренос на сопственост на културни добра, чии потписнички сме и ние и Албанија, рече министерката на денешната прес-конференција. Поточно, како што информираше, во рамки на случајот „Икона“, што во текот на октомври 2013 година се спроведе на територија на Република Албанија беа запленети голем број икони и црковни предмети.