Дуото „Некст тајм” вчера во Драмски театар во Скопје ја промовираше својата обработка на старата македонска песна „Нешто ќе те питам бабо”. Пред преполна сала Стефан и Мартин Филиповски го претставија нивното ново музичко дело, кое го изработи Николче Мицевски, додека пак режисер на видео спотот е Огнен Шапковски. На промоцијата беа присутни многу личности од естрадата, но и од политиката.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Јохан Тарчулоски, поглаварот на Бигорскиот манастир Партениј, Борис Дамовски, Слаткар, Лозано, Тони Зен, Магдалена и Лазар Цветковски и многу други беа само дел од публиката која го награди со аплауз новиот проект на „Некст тајм”. Ова е трета обработка на стара македонска песна на браќата Филиповски. Постигнаа голем успех со обработките на „Ја излези Ѓурѓо” и „Слушам кај шумат шумите” кои имаа милионски прегледи на музичкиот канал Јутјуб.
Она што е впечатливо, е тоа што дури и авторските песни на наши музичари ретко достигнуваат толкава популарност и слушаност, како што тоа се случи со обработките на „Некст тајм”.
-Со гордост ви го претставуваме нашето најново видео за песната „Нешто ќе те питам бабо”. Веруваме дека Македонија ќе биде горда! – порачаа од „Некст тајм”.
Вики Клинчарова